,,Недела на јапонскиот филм“ започна на 25 ноември, во Кинотеката на Македонија, а траеше до вчера, 29 ноември. Со седумнаесеттата „Недела на јапонски филм“, Амбасадата на Јапонија, „Кинотека“ и Центарот за култура Битола ја прославија 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете држави. Оваа манифестација претставува еден од најзначајните филмски настани во годината и ја одбележа богатата и уникатна јапонска кинематографија. На отворањето беше прикажан филмот „Враќањето на Даимаџин“, ја воведе публиката во сложеноста и културниот контекст на јапонската филмска уметност.
Програмата опфати разновидни филмови, од драмски и анимирани дела до експериментални форми, што ја одразуваат различната динамика и социјалните промени во Јапонија. Програмата понуди, не само визуелно задоволство, туку и длабок увид во културните и социјалните прашања што го обликуваат јапонското општество.
Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотеката, кој заедно со тимот на Кинотеката го создаде овој значаен филмски циклус, кој е особено важен и актуелен за денешната публика. Со оваа програма, македонската публика имаше ретка можност да се запознае со длабочината и уникатната естетика на јапонската кинематографија и да ужива во богатството на оваа уметност.
Манифестацијата привлече голем број на љубители на филмот и на јапонската култура, а понуди и инспиративни и едукативни искуства за сите учесници.
Во Битола, двете проекции ,,5 сантиметри во секунда” и ,,Ветеното место во нашите рани денови”, ќе се емитуваат на 02.12 и 03.12 и ќе понудат долгометражни, современи, јапонски анимации.












