Министерот за земјоделие Љупчо Николовски во интервју за Актуел на Тера телевизија вели дека со посетата на Кривогаштани ги сублимираа ефектите, резултатите од оваа сезона на откупот на тутунот.
„ Имавме тешка година поради климатските промени и заради намалениот принос. Денеска ги сумиравме резулатите затоа што вчера заврши откупот. Ние минатата година навремено започнавме со договарање, преговарање, стандардно министерството посредува помеѓу откупувачите и тутунопроизводителите. Станува збор за гранка од којашто се обезбедува најголемиот девизен прилив, производ којшто е извозно ориентиран, број еден во делот на земјоделството. Тоа е традиција којашто треба навистина да ја чуваме и за тоа се бориме и во Брисел на почетокот на преговорите, на скрининг процесот, нешто што треба да го заштитиме како наше добро и поддршката да продолжи во целокупниот сектор“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Тој додаде дека еднаш имало зголемување на цената во ноември или декември, уште едно зголемување коешто е направено во февруари.
„Достигнавме цена од 365 денари. Тутунскиот комбинат од Прилеп со одлука на влада прв влезе во зголемување на цените со наше посредување. Одлучивме дека ги зголемуваме субвенциите на 100 денари, односно дополнително 20 денари по кг откупен тутун од прва класа“, потенцираше Николовски
Тој додаде дека точно знаело министерството колкаво е производството и самата реколта и дека тоа што Трипуновски барал корекции на реколтата означува основно непознавање.
„Заврши реколтата 14.776 тони се откупени, не надмина 15 илјади тони за да правиме некакви измени какви што беа поднесени некои барања, ние точно во децимали од самиот почеток знаеме што е тоа што го очекуваме и затоа уште во декември во владата го промовиравме самиот пакет“, посочи Николовски.
Тој заклучи дека секојпат може повеќе да се оствари за земјоделците, земјоделците бараат и заслужуваат да добијат повеќе затоа што нивниот труд треба да се цени.
„Кога сте веќе внатре во министерството, треба да ги знаеме фактите и не треба популистички да се однесувате, туку навистина да се грижиме да обезбедиме што повисока цена за тутунот. Владата ја донесе таа уредба уште пред да има техничка влада и дополнителен заменик. Денеска се потврди дека тутунопроизводителите без никаква измена на уредбата којашто ја бара Трипуновски ќе си ги добијат 100 денари субвенции. Оваа влада е таа којашто воведе нов модел на субвенционирање. Ние паметиме едно друго време кога имавме само 60 денари и немавме производство и мотивираност по класи. Сега од 60 денари првата класа е 100 денари. Тоа е големо зголемување и дополнителна поддршка на откупот и токму затоа цената достигна 365 денари. изјави Николовски.
Во однос на посетата на Битола, Николовски истакна дека причината е децениски проблем за кој е дојден редот да се најде решение.
„Станува збор за парцели коишто земјоделците ги имаат во средината на блоковите помеѓу државното земјиште коешто е под закуп на ЗК Пелагонија. Имаме 17.000 хектари, имаме околу 1300 хектари внатре во самиот блок каде што имаме сосопственички односи на приватните сопственици и на државното земјиште. Ова значи дека земјоделците немаат пристап до ова земјиште. Тие секојпат се жалеа на овој проблем и бараа решение. Ние се обративме до меѓународни поддржувачи со коишто ги спроведуваме проектите, впрочем и досегашниот проект за консолидација е со поддршка на ЕУ и ФАО. Пелагонискиот регион е сведок на првите консолидациски постапки коишто сме ги направиле. Се зборело за консолидација 30-40 години но никогаш не било сработено. Првиот закон со којшто се овозможуваат постапки на консолидација е во 2018 година“, посочи Николовски.
Тој додаде дека станува збор за над 2.000 сопственици и дека тие се согласуваат да добијат земјиште на друга локација.
Во продолжение целото интервју.












