Битолските советници денеска расправаа за зголемувањето на платите на вработените во јавните претпријатија од градот во висина од 2806 денари според колективниот договор кој го потпишаа градоначалникот и синдикатите. Советникот од СДСМ Борче Корлевски рече дека тие како советничка група го поддржуваат покачувањето на платите, но праша во каква финансиска состојба се јавните претпријатија од градот и на кој начин ќе се зголемат платите на вработените во јавните претпријатија.
Советникот од ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓи Ѓорѓиевски рече дека за прв пат е постигнат колективен договор на ниво на Општина Битола со кој се заштитуваат правата на работниците. Рече дека сега директорите на јавните претпријатија работеле домаќински и парите за покачување на платата на работниците ќе ги обезбедат без никакви задолжувања.












