ТЕРА

REKLAMA???

ОПШТИНА БИТОЛА НЕМА ПРИЈАВИ ЗА ШТЕТИ ОД ВЕТЕРОТ, ОБЕШТЕТУВАЊЕ НЕ СЕ ПРЕДВИДУВА

Дo Општина Битола досега не се поднесени пријави за материјална штета предизвикана од силниот ветер на 13ти ноември. Тоа, сепак, не значи дека штети нема. Напротив, денеска оттаму добивме одговори на нашите прашања дали има пријавено штето од граѓани, дали општината знае кои дрвја се потенцијално опасни.

Веднаш по невремето стручни екипи на јавните претпријатија, координирани од градоначалникот на Битола, излегле на терен за расчистување на локациите и отстранување на последиците. Градоначалникот, како што наведуваат од прес службата на Општината, бил во постојана комуникација и со други институции за обезбедување поддршка доколку била потребна.

Во однос на евентуалното обештетување на граѓаните, Општината се повикува на Методологијата за процена на штета од природни непогоди и други несреќи и Законот за заштита и спасување. Според нивното правно толкување, ветерот со голема брзина не спаѓа во категориите природни непогоди и други несреќи опфатени со оваа постапка, поради што Општината нема да спроведува постапка за надомест на штета. Граѓаните кои претрпеле материјална штета, според одговорот, надомест треба да побараат преку осигурителните компании, секако доколку имаат соодветно осигурување.

Ова објаснување се однесува на посебната постапка за процена и надомест на штети од природни непогоди, но не значи дека Општината е ослободена од обврската за одржување на јавните површини и преземање превентивни мерки за безбедноста на граѓаните.

Токму состојбата со дрвјата е едно од прашањата што остануваат без конкретен одговор. За нивното одржување на јавните површини, Општината го посочува ЈП „Комуналец“, кое постапува согласно својата програма за работа којашто има до одреден степен систематска стручна контрола на развојот на дрвјата, не и на нивната стабилност.

Оттука, прашањето кое се однесува на евиденција за староста на дрвјата, нивната механичка стабилност, нивната конкретна здравствена состојба или колку од нив се суви и треба да се заменат со нови останува отворено.

Имено, Општината наведува дека Зелениот катастар е ажуриран во 2026 година и дека документацијата е достапна на нејзината веб-страница. Сепак, проверката на објавените документи покажува дека последниот, четврти дел од катастарот, е датиран од декември 2025 година. Во него се евидентирани вкупно 12.269 дрвја и грмушки, од кои 3.458 дрвја и 8.811 грмушки, но на посебен дел од градот, со кој се комплетира целосната слика од преку 36 илјади растителни единки во градот.  Извештајот содржи податоци за видовите, димензиите и видливата состојба на зеленилото, како и препораки за редовно ажурирање и следење на неговата отпорност на временски влијанија.

Зелениот катастар, всушност, е важна база на податоци за урбаното зеленило, но самиот попис не е исто што и редовна безбедносна контрола на дрвјата. Тоа е особено важно ако се има предвид дека во четвртиот извештај се препорачува следење на отпорноста на растенијата на ветер, мраз и снег, со цел намалување на ризиците за граѓаните и инфраструктурата.

Засега,  по невремето од 13 ноември остануваат две важни прашања: колкав е вистинскиот обем на штетите- нешто што допрва ќе биде согледано и, дали градот планира или има функционален систем за навремено откривање и отстранување на потенцијално опасните дрвја. Бидејќи, покрај расчистувањето по невремето, најважна е превенцијата од следното.