Повеќе од 46,4 милиони денари и три новокупени деловни простории вредни над 6,6 милиони денари,оставила зад себе досегашната претседателка на Здружението на пензионери во Битола, Даница Петличкова. Овие бројки од Записникот за примопредавање на функцијата од 11 ноември 2026 година, јавно ги објави самата Петличкова, обраќајќи се до членството и јавноста преку нејзиниот личен профил, но и преку официјалната страница на Здружението.
Со оваа објава, Петличкова директно ги демантира, како што вели, невистините што со месеци ги ширеле група лица претставени како „загрижени пензионери“ дека таа ненаменски ја троши касата за „кога ќе дојде оваа власт да наиде на опустошено здружение“. Истовремено, нејзиниот потег фрла целосно нова светлина врз случувањата во Здружението и отвора сериозни прашања за легитимноста на смената.

Петличкова открива дека на редовните избори кои се одржале во јуни годинава таа била едногласно реизбрана на функцијата на демократски и транспарентен начин, со учество на сите месни ограноци. Но, само четири месеци подоцна, на 30 октомври 2026 година, таа повеќе не е претседателка, откако постојано била изложена на притисоци и пријави по институции.
Податоците што ги објави Петличкова покажуваат дека новиот раководен тим, предводен од Анета и Антонијо, наследува вистинско богатство, кое се мери во стотици илјади евра, а не опустошено здружение како што се шпекулирало помеѓу дел од пензионерите. Во записникот за примопредавање на функцијата, стои дека Петличкова предала вкупно 46.435.357 денари (околу 755.000 евра), од кои дури 38.241.525 денари се орочени средства во банки, 8.183.548 денари се на тековната жиро-сметка, а 10.284 денари во благајна. Единствената голема обврска што останува е долгот кон ЈП Национални шуми за огревно дрво во износ од 6.533.211 денари, плус симболични 31.206 денари за други обврски. Во исто време,Здружението има побарувања по фактури од 108.523 денари. Кога ќе се тргне црта, Анета и Антонијо добиле на располагање чисти 39.902.146 денари!
Покрај милионите на сметка, Петличкова објави дека остава и пописни листи за три нови деловни простории купени за време на нејзиниот мандат, со уредни имотни листови на име на Здружението, наменети за пензионерски клубови. Се работи за простории на ул. Анести Пановски (вредност 2.724.321 денар), на ул. Леринска (1.767.791 денар) и на ул. 13-ти Јули (2.175.919 денари). Вредноста на сите три нови простори во сопственот на Здружението, достигнува над 100.000 евра.
Овие бројки од Записникот при примопредавањето на функцијата претседател во Здружението на пензионери, ја засилуваат дилемата што ја отворивме во нашите претходни текстови зошто луѓе со изградени кариери, бизниси и поранешни високи функции, на старост влеглево битка за преземање на пензионерското здружение? Веројатно, касата со речиси 40 милиони денари чист кеш и вредниот недвижен имот, биле премногу примамливи за нечии незаситни апетити.
Сега на потег е новото раководство предводено од Анета и Антонијо. Јавноста и 18-те илјади битолски пензионери очекуваат одговори како и под кои услови на 30 октомври била поништена нивната волја од изборите во јуни и, уште поважно, како и за чии интереси ќе се трошат нивните милиони?













