Здружението на пензионери во Битола продолжува со политиката на целосно игнорирање на јавноста. Оттаму сè уште нема пристигнато никаков одговор на прашањата на нашата редакција околу изборот на новото раководство, а денес испративме ново прашање и формално барање за увид во официјалниот записник од примопредавањето на функцијата помеѓу досегашната претседателка Даница Петличкова и новоизбраната Анета Стефановска.
Додека илјадници битолски пензионери се прашуваат кој и како ги бирал нивните нови претставници, Анета и Антонијо можеби сметаат дека не должат објаснување пред оние од чија членарина опстојува здружението. Потсетуваме дека сè уште нема одговор на нашите првични прашања на кој датум се одржале изборите, кога е поднесена пријавата во Централниот регистар, колку кандидати имало, со каков кворум се гласало и зошто членството воопшто не било известено за изборната постапка.
За да не останат работите во сферата на шпекулациите, нашата редакција денеска го прошири истражувањето и побара од Здружението на пензионери Битола да го стави на увид на јавноста Записникот за примопредавање на функцијата претседател, составен помеѓу Петличкова и Стефановска.
Дали и колку пари се затекнати во касата? Бараме точен финансиски пресек на паричните средства на трансакциските сметки и во благајната на денот на примопредавањето.
Дали и колкави долгови се наследени. Јавноста мора да знае колкави се вкупните доспеани и недоспеани финансиски обврски на здружението кон добавувачи и трети лица.
Дали се завршени или во која фаза се другите обврски на Здружението кон пензионерите? Покрај финансиите, побаравме одговор и каква е состојбата со различни преземени обврски кон самите членови. Конкретно, колкави количини на веќе уплатено огревно дрво или други стоки на рати сè уште не им се испорачани на пензионерите и каква е динамиката за нивна итна достава во екот на грејната сезона.
Со оглед на тоа што последните официјални биланси достапни преку платформата CompanyWall покажуваат дека ова здружение располага со сериозен капитал, јавноста има апсолутно право да знае дали и со каков багаж стартуваат Анета и Антонијо и дали сметките на претходното раководство се чисти. Да потсетиме, само во 2025 година Здружението на пензионери Битола остварило вкупни приходи од 8.790.000 денари и расходи од 7.524.000 денари, завршувајќи ја годината со нето добивка од 1.266.000 денари. За последните три години низ сметките поминале вкупно над 31,1 милион денари. Уште поважно, според последната завршна сметка, организацијата евидентирала огромни побарувања од клиенти во висина од дури 40.498.000 денари и вкупни обврски од 3.231.000 денари.
Токму поради овие десетици милиони денари кои се вртат во билансите, пензионерите заслужуваат јасна слика што е затекнато.











