Семејство од Битола веќе 10 години има проблеми со дивоградба која ниту сопственикот ни општината ја решаваат. Врз нивниот покрив секојдневно паѓаат тули и стиропор, покривот им е оштетен, а од Општината немаат повратна реакција ниту информација дали и кога ке го преземат ветеното.

Благица и Игор Здравеви живеат наспроти основното училиште „Ѓорги Сугарев“. Познати им се на секоја генерација ученици, затоа што секојдневно и двајцата, но повеќе Благица ги пречекуваат и испраќаат на часови. Но, во нивното секојдневие веќе подолго време доминира проблем со куќата којашто започнала да се гради до нивната куќа. Тоа било во 2016 година.

„2016 година ја турна старата куќа. Почна да ја прави куќата и кога го отвори ѕидот мојот ѕид од горната страна испука колку една педа. Ојдов во градежништво и ги викав да ја стопираат, не дојдоа, тој ја соѕида. И ја направи куќата до мај 2016 година.“ – раскажува Благица и појаснува дека и друг сосед презел градежни активности кои влијаеле на нејзината куќа, но ги надминале сите проблеми. Во јули спорната куќа била готова со прозорци и се.
Малите соседски нетрпеливости за еден или два сантиметри на кој се потпира ѕидот запреле нагло, кога куќата престанала да се гради и , според сознанијата на Здравеви, општината започнала процес на уривање како на дивоградба. Благица знае дека нејзиниот сосед имал план за градба, но и рекле дека е дивоградба и почнале да ја уриваат. „И оттогаш “ вели „само туркаат, туркаат, еве …“
И еве, видно од приложеното. Куќата сеуште седи во истата состојба, но со еден друг заплашувачки момент – во секое време претставува опасност, за учениците кои оттука минуваат кон своето училиште, за автомобилите и другите моторизирани учесници во сообраќајот кои овде често мора и да се разминат. И, Благица и нејзиниот син оттогаш секојдневно, во секое време од денот или ноќта очекуваат нова тула или стиропор да падне врз нивната куќа.

„Во 2017 година ги истуркаа тулите одгоре, го оставија стиропорот на двете страни, падна стиропорот, јас си реков авион падна врз куќава. “ Оваа пролет добиле документ од Општина Битола во кој се согледала штетата што ја предизвикува полуурнатата куќа, но досега пак ништо.
Проблемот се провлекува 10-тина години. Синот порасна и започна да го бара своето право на безбедно, сигурно живеење во куќата којашто ќе ја наследи од својата мајка и ќе го формира своето семејство. Се сочува со материјалната штета за која од време на време вонредно издвојуваат пари од заедничкиот буџет.

Раскажува дека затоа што било небезбедно, покривот го направиле со лимен покрив што ги изложило на поголем трошок.
Здравеви размислуваат да ја тужат општината, и покрај неформалните сознанија што ги имаат дека уривањето е прекинато затоа што веќе некој некого тужил и во приказната е присутен судскиот лавиринт.
Есента започна, врнежите од дожд го полнат нивниот таван, а ветровите може да откинат уште некоја стиропорна плоча или малтер кој попуштил во годините што изминале.












