Пред една недела територијата на Романија беше поплавена. Медиумите ја нарекоа „поплава од библиски размери”. Поплавата беше предизвикана од екстремни врнежи, при што за само 24 часа паднаа повеќе од 200 литри дожд на квадратен метар, што доведе до значителни оштетувања на национално ниво.

Петруц Јакоб, новинар од Романија, Констанца, сподели повеќе детали со нас.
„Последниот викенд од летото, навистина се случија сериозни настани, како поплавата и силниот ветер, но не станува збор за поплава од библиски размери како што беше опишана на Интернет” вели тој.

Според изјавите на новинарот Јакоб, тоа се тешки зборови кои создаваат непотребна паника кај јавноста. Конкретно во Констанца, поплавата ги зафатило следните локации: Мангалија, Втори Мај, Вентус, Јупитер и Сатурн.
„Жртви, повредени и мртви немаше. Тоа е доволен знак дека нема простор за дискусија за трагедија од оваа гледна точка.”
Министерот за животна средина, Мирчеа Феќет од Романија, ги посетил населените места каде поплавата имала поголеми размери и резултирала со изгубени домови за бројни граѓани. Министерот им ветил финансиска помош од владата за реконструкција на нивните живеалишта.
„На потешко зафатените места од поплавите врнело дожд колку за половина година.”

Ова не е прва поплава од големи размери во Романија. Националната Управа на Романските Води направила споредба со поплавата која ја зафатила територијата во 2005 година. Констанца била исто така зафатена од тогашната поплава и целата ситуација резултирала со жртви. Одморалиштето Костинешт, кое се наоѓа во непосредна близина на Констанца, било најзафатеното подрачје од поплавите во тоа време.
„Ги споредивме врнежите од пред 20 години со она што се случи на нашата територија пред околу една недела. Овој пат немавме жртви, како што имаше тогаш во 2005 година“ објаснува новинарот од Романија.
Минатата година, конкретно во Констанца, во месец ноември, имало уште две поголеми бури со времетраење од една недела.
„И минатата година во Констанца, улиците беа поплавени, имаше околу 10 големи паднати дрвја од силниот ветер, автомобилите беа оштетени, останавме без вода, а на некои места немаше ниту струја.”
Од сегашната и актуелна поплава, граѓаните го искажале својот страв преку повиците за итни случаеви.
„Беа направени стотици повици на бројот за итни случаи 112 и стотици пожарникари интервентираа по потопот што го зафати округот Констанца. Издадени се повеќе црвени кодови за сериозни временски услови во округот Констанца.”
Поплавата не е нешто ново за Романците. Поплави, бури и невремена се случуваат постојано.












