Со подмладок од крап денеска беше порибено Стрежевското Езеро. Порибувањето се реализираше со неколку илјади единки од видот крап (Cyprinus carpio), со просечна маса од 50-800 грама согласно Риболовната основа, договорот за концесија и одобрениот Годишен план за 2022 година, рече директорот на ЈП Стрежево Менде Граматковски.

Локација на порибувањето беше во близина на браната “Стрежево” и Шахтниот преливник на акумулацијата “Стрежево”. Директорот вели дека чинот на порибување подразбира набавка на специфициран порибителен материјал, негов транспорт во адекватни контролирани услови од репроцентарот до предвидената локација и безбедно испуштање во риболовната вода.

На денешниот настан присуствуваа сите релевантни субјекти кои какао што рече директорот успешно се координираа и се грижеа за регуларноста на порибувањето, како и претставници на медиумите, риболовните здруженија и граѓани.

Со денешните активности Стрежево повторно ја потврди својата заложба, одговорност и грижа за заштитата и одржувањето на животната средина. Континуитетот на вложувањата во зачувувањето, управувањето, заштитата и обновувањето на рибниот фонд несомнено директно имплицираат врз подобрувањето на условите за вршење на риболов за сите риболовци, рече директорот Грамаковски.












