Цените на одредени марки на цигари денеска се зголемија за 10 денари. За корисниците вистински проблем, за претпријатијата – законска обврска којашто треба да се реализира. Цените на цигарите на „Империјал тобако ТКС АД“ од денес се повисоки.

Денеска во нашата редакција се јавија неколку гледачи кои реагираа дека нивниот бренд цигари нагло пораснал, не за 3, не за 5 туку за цели 10 денари. Разбирливо, изненадувањето било непријатно. Реакциите се движат од неочекување дека сега ќе поскапат, до пресметка на сите производи кои се купуваат на дневна основа и вкупната сума која се гледа како голем удар.
Причина за ова зголемување е обврската на претпријатијата кои производуваат производи од тутун во текот на годината да прават зголемување на цената заради акцизата. Измените на Законот за акцизи беа донесени во 2019 година, во намера на државата да стигне до некои европски стандарди. Ова е првото поскапување на цигарите коешто според Законот за акцизи треба да се случува двапати годишно. Според проценките на македонските медиуми денеска, со зголемувањето на акцизата за цигарите, владата ќе добие 13-тина милиони евра годишно во буџетот.
Според Законот за акцизни тутунски производи, се оданочуваат цигари, пури, цигарилоси, тутун за пушење и тоа фино сецканиот тутун за виткање цигари, тутунот за водено луле, тутун за џвакање, шмркање , а на законот подлежи и течноста за полнење на електронсите цигари. Во малопродажната цена се вклучени и сите даноци и давачки, Производителот или увозникот се должни малопродажната цена на тутунските производи да ја пријават кај надлежниот царински орган во рок од 15 дена пред првото пуштање во промет на тутунските производи или пред промената на малопродажната цена и должни се малопродажната цена на тутунските производи да ја објават во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна еден ден пред првото пуштање во промет на тутунските производи или пред промената на малопродажната цена. Пуштањето во промет на тутунски производи пред пријавувањето на новата малопродажна цена кај надлежниот царински орган и објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, како и под и над пријавената малопродажна цена не е дозволено.

Поскапувањето ќе продолжи во бранови, затоа што сега се зголемени цените на едни брендови, но поскапувањето ќе мора да го направат и другите производители или дистрибутери – увозници на акцизна стока.
И, пред да коментирате дека е време да се остават, да знаете, никој од тие што ги користат не размислува за нивно оставање. Биохемијата на човект вели редовното внесување на никотинот што го има во цигарите подразбира создавање на посебна состојка – метаболит, на кој човечкиот организам се навикнува, па кога го нема го иницира целиот процес на барање на метаболитот низ организмот. Оттука и нервозата кај пушачите.












