ТЕРА

REKLAMA???

ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ И ПРЕПОРАКИ ЗА БИТКАТА СО РАКОТ НА ГРЛОТО НА МАТКА

Заради пандемијата со ковид 19 за една четвртина е намален бројот на превентивни прегледи на рак на грлото на матката и поради тоа во следниот период се очекува зголемување на инциденцата на цервикален карцином, вели специјалистот по гинекологија и акушерство др. Александар Јовановски од Болницата Плодност во Битола. Додава дека во светот цервикалниот карцином претставува јавно здравствен проблем затоа што се смета дека 650 илјади жени годишно заболуваат, а 300 илјади жени умираат како последица од рак на грлото на матката.

„Тоа би значело на секои две минути во светот умира по една жена од цервикален карцином. За разлика од развиените земји каде што скринингот и свеста се на многу повисоко ниво бројката е 4. Ние во моментот имаме 4 до 5 пати простор за подобрување во овај дел. Тоа го велам зато што цервикалниот карцином многу лесно се дијагностицира и многу лесно се решава и третира кога е во ран стадиум односно ние имаме можност да ја откриеме на ниво на преканцерозна лезија и на тоа ниво истата да биде третирана. Со тоа го спречуваме понатамошниот развој и појавата на цервикалниот карцином.  Се проценува дека заради пандемијата која е веќе две до три години  и во светски рамки и кај нас, скоро за повеќе од една четвртина е намален бројот на превентивните прегледи коишто требало да се направат и да бидат направени во изминатиот период. Тоа како последица во наредниов период ќе донесе зголемување на инциденцата на цервикален карцином, токму поради тоа што не биле фатени канцерозните лезии во минатиот период кога требало и кога можело да се направат тие скрининг тестови, а не биле заради пандемијата.“, изјави др. Александар Јовановски, специјалист гинеколог акушер во Болница Плодност Битола.

Секоја жена во репродуктивниот период помеѓу 21 и 65 годишна возраст треба еднаш годишно да посети гинеколог. Гинеколошкиот преглед вклучува ехо, ПАП тест  заедно со ХПВ типизација.

„Затоа што брисот од ХПВ типизацијата и брисот од ПАП тестот доколку се негативни двата имаат многу голема негативна предиктивна вредност за појава на цервикален карцином. Тоа ни дава многу голема сигурност и нас како доктори и на пациентите во однос на можноста за појавата на оваа болест. Доколку имаме позитивен резултат на ХПВ тестот, а можеби ќе имаме негативен на ПАП тестот, но тоа ни вклучува еден аларм кој ни кажува дека е потребно понатамошно почесто следење и контроли за да доколку се појави некоја лезија или проблем, болеста да биде фатена во ран и вистински стадиум. Тука можам да напоменам дека во склоп на нашата болница функционира и лабораторијата за молекуларна медицина и дијагностика каде што ретко во било која друга лабораторија резултатот од ХПВ типизација се добиваат за помалку од 24 часа. Тоа е начинот за рана детекција на цервикалниот карцином и лезиите на грлото“, вели др.Јовановски.

Примарната превенција ја вклучува и вакцинацијата од ХПВ вирусите, вели др.Јовановски.  Здравствените власти постојано апелираат до помладата популација за вакцинација од 12 до 15 годишна возраст, со тоа исто така се намалува инциденцата, односно се превенира цервикалниот карцином. Тој го објасни методот на лекување на различни типови на карцином на грлото на матката.

„Начините на лекување за третман на цервикалниот карцином се многу лесни доколку се во ран стадиум. Некогаш ние ќе откриеме дека постои лезија која што „не е страшна“, што бара понатамошно следење и која што самиот организам можи да ја излечи. Ние во цело тоа време го следиме. Кај мал дел од пациентките тие лезии коишто на почетокот не се страшни преминуваат веќе во лезии со тенденција кои што би можеле да прогресираат до карцином. Тука многу лесно можеме да интервенираме. Најчесто тоа е хируршка метода, еднодневна процедура која што се изведува во анестезија, и после тоа секако не е решен проблемот, се бара следење и почести контроли, но со процедурата на некој начин се вади тој дел од грлото којшто е зафатен и се дава можност на организмот да се бори против ХПВ инфекцијата со својот имунитет. Во овај стадиум на преканцерози се зачувува и фертилноста на пациентката, се зачувува матката, можи понатаму да остане бремена и да има деца без проблем. Хипотетички ако не се решил проблемот, ако прогресирал до појава на цервикален карцином веќе тука ситуацијата е посериозна и поозбилна и тука и хируршкиот и евентуано онколошкиот третман е многу поагресивен во овие случаеви“, вели др.Јовановски.   

Прашавме колку денеска жените се грижат за своето здравје?

„Свеста секојдневно кај жените се буди и се подигнува, со тоа што помладите ги носат своите постари мајки, баби на гинеколог, од друга страна мајките и бабите ги носат внуките или своите ќерки на гинеколог. Тоа би кажал е една одговорност која што девојките, жените, мајките, бабите треба да си ја имаат пред се кон своето здравје и кон себе, а и одговорност кон оние коишто им се најблиски, кои ги сакаат, да не се доведат во ситуација да нешто би можело да се превенира, да се навреме да открие, да навреме се реши, од тоа патат сите“, рече др.Јовановски.  

Јануари месец од страна на конгресот на САД е прогласен како месец за грижа за цервикалното здравје. СЗО го прогласува јануари месец како грижа за карциномот на грлото на матката со цел да се потсетат и да се подигне свеста кај пациентките да еднаш годишно го направат тој гинеколошки преглед. Тоа воедно беше и апелот на др. Александар Јовановски.