Во кристалната сала на КИЦ – Офицерскиот дом во Битола, беше отворена ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на Арт Поинт-Гумно од с. Слоештица, Демир Хисарско. Изложбата беше по повод 20 годишното креативно делување на семејството Андреевски – меѓународниот центар за уметност и одржлив развој Арт Поинт – Гумно, каде низ сиве овие години продефилираа повеќе од 80 уметници од целиот свет.

„ Поминаa точно две декади откако германскиот уметник Хубертус Хес претвори дел од старата дрвена ограда на чардакот во „Ангел чувар“ на гумното во Слојштица. Со ова, симболично започна делувањето на нашата визионерска рожба – меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „АРТ ПОИНТ – ГУМНО“, истакнаа од центарот.
Дел од извонредното уметничко богатство 65 слики, скулптури и фотографии, низ кои провејува убавината што уметниците ја доживуваат за време на гостувањето, се пренесени од гумното во Слоештица во Офицерскиот дом.

Изложбата ја отвори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, која што истакна дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.Беа пренесени приказните за Слоештица и за Македонија, раскажано низ очите на уметниците од големите уметнички центри како што се Берлин и Њујорк, но и од други места од САД, од Бразил, од Унгарија, од Словачка, од Чешка, од Шкотска, од Данска, од Хрватска, од Србија, од Австралија, како и нашите од Скопје, од Битола.

Оваа есен планирано е истата поставка да биде претставена и пред скопската публика (во МКЦ, Скопје), а во текот на летото, ќе бидат организриани повеќе тематски изложби на неколку локации во пелагонискиот регион.
Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а реализацијата на оваа изложба ја поддржа и КИЦ Офицерски дом – Битола.












