ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОВИРАНА ДЕТСКАТА КНИГА „ПРИКАЗНИ ЗА ДЕЦА И ЖИВОТНИ“ ВО БИТОЛА

Во Палатата на културата – Офицерскиот дом во рамките на Бит фест, беше одржана работилница и промоција на „Приказни за деца и животни“ од Тихомир Јанчовски.

„Приказни за деца и животни“ е неговата прва книга за деца, се работи за баснарка-боенка. Содржи 14 басни со илустрации во кои ликовите главно се урбани животинки што се наоѓаат пред разни искушенија и дилеми кои ги решаваат на детски наивен и љубовен начин. Во книгата ќе ги најдете бувот Џуши, крокодилот Кроко, Дино Сајрус, јазовецот Бранко, мрзливецот Ано, две деца што станале китови, кучето Флопи и други протагонисти.

Работилницата ја водеа и читаа делови од книгата авторот Тихомир Јанчовски, Билјана Бејковска и Даниела Јовановска.

Тихомир Јанчовски – поет, професор, преведувач. Роден e нa 24 август 1967, во Скопје. Основно и гимназија завршил во родниот град. Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја во Скопје (2008). Досега му се објавени четиринаесет книги поезија, два романи и една книга колумни. Преведуван е на 15 јазици: англиски, француски, словачки, српски, хрватски, албански, босански, грчки, германски, грузиски, словенечки, руски, украински, персиски и италијански јазик.

Минатата година во Битола ја промовираше „Пред некое време“, песните смислени и напишани токму на улиците на нашиот град, пред тоа ја промовираше „Се што знам за животот“. Тука се и книгите: „Тихување“,  „Како ми скроија капа“  и други.