Композицијата „Достојно ест“ е 13- тиот видео запис дел од албумот „Терирем“ на Сузана Спасовска.
„ Со цел да ја доближиме црковната музика и древните песнопеења поблизу до народот и до помладата популација, нашите празници да се побогати, домовите облагородени, патувањата полесни, душата исполнета со спокој и убавина, храмовите преполни со верници на богослужбите, дојдовме на идеја за овој проект“вели Спасовска. Видео-проектот „Терирем“ содржи 16 православни песнопеења и е снимен во повеќе цркви низ Македонија.

„ Од оваа црковна пракса на континуирана реинтерпретација на музичкото наследство, е добиена и директна инспирација да се создаде музички израз кој што верно би ги интерпретирал законитостите на источното црковно мелозвучие, но со своевидна обнародена словенска изразност во изведбата, каква што може да даде еден врвен народен музички уметник, во овој случај нашиот уметник на народната песна – Сузана Спасовска“, вели теологот Трајкоски.
Во албумот „Терирем“, среќаваме природно единство меѓу источното црковно пеење и народната интерпретација, којашто во најголема можна мера се приближува до црковното пеење и добива обнароден, но силно издржан црквен карактер во мелодиската етичност.












