ТЕРА

REKLAMA???

ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ЕМОТИВЕН ТАЛОГ“ НА АНА ЈОВКОВСКА ВО БИТОЛА

Реномираната писателка Ана Јовковска ја промовираше книгата „Емотивен талог“ во НУ. Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Книгата е во издание на „Три”, а според авторот на поговорот Гоце Смилевски, таа произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење и откривањето на сопствените стратегии за борба против сѐ што нѐ одвојува од нашата суштина.

Ана Јовковска е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини. Промоторската палка за Битола со полна доверба ѝ беше предадена на актерката од Битолскиот театар Маја Андовска Илијевски (и актуелна директорка на Центарот за култура).

„Честа ми припадна мене да бидам промотор на ова многу емотивно , критички и самокритички настроено дело, кое константно се бори со прашања на кои секоја една жена треба да одговори во своите 30/40 години“, истакна Андовска Илијевски.

По четирите објавени книжевни дела, Јовковска сега ни се претстави со едно поинакво четиво, збирка од раскази, колумни и есеи именувани како „Емотивен талог”. Илустрирајќи ги своите лични доживувања, интимни искуства и длабоко почувствувани ситуации, таа ги преиспитува релациите на себството и Другиот, слободата и љубовта, диктатот на технологијата, моралот и ропството, социо-емоционалниот развој на децата, консумеризмот наспроти (не)грижата за природата, но помеѓу сето тоа, Јовковска гласно го поставува прашањето за среќата.

„ Можеби свртувајќи се кон себе си сакав да се свртам кон светот, затоа што изминиативе две години живеем во чудно време, пандемијата не’ затекна и животот радикално ни се промени. И во време на кризи: здравствена и хуманитарна, сите бевме затворени во домовите како блокови, всушност домот ни стана затвор, па имав можност да се свртам кон внатрешното, кон интроспекција, ама низ личните преиспитувања секогаш критички рефлектираме кон светот, заедницата кон другиот и мојата нова, пета книга е хибридна книга. Тука не станува збор за некаква книжевна манипулација на авторот, туку станува збор за потребата на читателите да им овозможам емоционална идентификација. Кога гледаме некои медиумски содржини имаме потреба да ги препознаеме сопствените болки, сопствените проблеми и затоа се обидов со оваа книга да чепнам во најдлабокотои најгустото човечко“, вели Јовковска .

„Не случајно, а неформално, ги вкрстуваме трите културни столбови во Битола (НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, НУ Народен Театар Битола и Центарот за култура) за да го вклучиме црвениот аларм за културата во другите градови“, изјавуваат од библиотеката.