МКД „Илинден“ од Риека, Хрватска, ја организираше промоцијата на реизданието на монографијата МКД „ИЛИНДЕН“ 1991 – 2006“ од Владо Настески на прославата на Василица, Стара нова година. Промотор на реизданието на монографијата беше м-р Биљана Стојановска, лектор по македонски јазик. Присутните ги поздрави Владо Настески, авторот на монографијата.

Кумови на овогодинешната прослава за Василица беа Катерина и Анѓеле Ефтоски. Настанот се одржа со поддршка на Република Хрватска, Советот за национални малцинства на Владата, Приморско-горанската жупанија, како и општина Риека. Со овој настан МКД „Илинден“ одблежа 33 години постоење.

Целта на ова друштво е да се сочуваат македонската култура, јазик и традиција. Името „Илинден“ е одбрано како основа за поврзување на Македонците во Риека, бидејќи во себе носи историско, верско и судбинско значење и на тој начин ги поврзува Македонците од сите делови на Македонија во мултикултурниот град Риека. Благодарение на своето долгогодишно дејствување, на организацијата и на толеранцијата, заслужено го носи епитетот угледно културно друштво во Риека. Исто така, „Илинден“ е иницијатор на дополнителната настава по македонски јазик која се одржува во ОУ „Центар“ во Риека, како и во Првата сушачка хрватска гимназија, а иницијатор е и на одржувањето настава на Лекторатот за македонски јазик при Филозофскиот факултет во Риека.

МКД „Илинден“ е добитник на златната плакета со грбот на градот Риека во 2011 година за дваесетте години континуирана успешна презентација на македонската култура и традиција, како и за развој на соработката меѓу двете пријателски земји.












