ТЕРА

REKLAMA???

РАБОТИЛНИЦА ЗА МАРИЈА КАЛАС ВО БИТОЛСКОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ

Во Државното музичко училиште во Битола,  Младинската организација одржа презентација на тема:”100 години од раѓањето на Марија Калас”. Презентацијата беше под менторство на проф.Марина Коруновска, а на истата учествуваа Јана Блажевски III клас, Аница Нелоска III клас, Кармен Гемту II клас, Бојана Кузмановска II клас и Климент Ристески I клас.

Присутните имаа можност да слушнат нешто повеќе за животот и постигнувањата на оперската дива Марија Калас, како и  можност да чујат нејзина изведба на “Casta diva” на В.Белини како и изведба на Рената Тебалди на истата арија, по што следеше паралела помеѓу двете оперски современички и ривалки.

„Ова е само еден од настаните кои допрва ќе следуваат. Веќе некое време Ученичката заедница е вклучена во повеќе проекти во и надвор од училиштето, а овој пат со реализација на работилница со едукативен и забавен карактер. Настани од овој тип ќе се одржуваат со цел продолжување на активностите на заедницата, како и обработка на повеќе теми актуелни за младите: предавања, работилници, концерти, работни акции, проекти и др.“, ни изјавија од училиштето.

Марија Калас е родена во 1923 во Њујорк како дете на грчки доселеници. Била позната уште на студиите по неверојатниот глас, па токму гласот ја донел до кариерата во Олимпискиот театар во Атина. Во 1942 година ја добила главната улога во Тоска што ѝ овозможило да настапи во Грчката национална опера и да ги отвори вратите кон светската слава. Првиот голем триумф Марија го доживела во 1949 година кога во Венеција настапила во две различни улоги во оперите на Вагнер и Белини. Во Миланската скала првпат настапила во 1951, и овој театар бил нејзина главна сцена во текот на 50-те години. Во Лондон редовно настапувала од 1952, и токму во тој град ја завршила кариерата во во 1965 година. Повеќе од три децении беше една од најголемите оперски ѕвезди на светот, а почина во Париз во 1977.