Пред битолските советници на вонредната седница на Совет беше точката за велосипедските патеки кои прво треба да бидат проектирани, а потоа изградени. Станува збор за Програмата за измена и дополнување на програмата за економски развој за 2023 година, за „Проектот за реконструкција на тротоари на дел од ул. „ Васко Карангелевски“( од кружен тек „Педагошка“ до кружен тек „Веро“) и дел од улица „Партизанска “од спој со ул.„ Тодор Паница“ до спој со Градско Шеталиште со должина 5300 метри. За оваа програма вчера на Комисијата за економски развој гласаа двата члена на комисијата од ВМРО ДПМНЕ, воздржани беа членовите од СДСМ, а против беше советникот од Левица. Денес пред почетокот на седницата имаше дополнителна презентација од страна на јавното претпријатие за проектирање.

„Добив личен впечаток дека поголем дел од советниците коишто денес беа присутни воопшто не се запознаени со процедурите како еден проект треба да се реализира, односно имаше едно извртување на тезите дека во моментот ќе се прави само реконструкција на пешачките патеки и се обидовме заедно со администрацијата да им ги објаснеме. За еден проект да се реализира потребно е прво истиот да биде проектиран, подоцна тоа проектирање да биде дадено во одделението за градежна дозвола, а подоцна да се однеси во комуналното одделение каде треба да се избере изведувач и да биде изграден еден проект. Со овај проект се оди врз основа на одобрение за веќе основен сообраќаен проект за изградба на велосипедски патеки од 2014 година, досега на никој не му текнало дека треба да се направи градежен конструктивен проек и кога ќе биде тој изработен, и се оди на обележување на тие велсипедски и пешачки патеки. Тие ќе бидат од ширина од 3 метри, еден метар за велосипедистите, два метри за пешаците. Тоа денес на неколку пати им го потенциравме, меѓутоа видовме дека сеуште не им се јасни процедурите, но се надеваме дека советниците ќе дадат поддршка за овај проект кој што треба да биде реализиран веќе оваа градежна сезона“, рече Бојан Бојкоски, советник од ВМРО ДПМНЕ.

Претседателката на Совет рече дека се работи за проект кој бил само делумно завршен и не гледа потреба од итност на точката за да денеска се расправа по неа.
„Денес морам да кажам дека беше викната презентација по завршување на комисијата на совет на Општина Битола и истата започна без снимање и давање на јавност заради што јас лично изреагирав и побарав да биде снимена. Презентацијата немаше некој што ја водеше бидејќи не знаеме ни чија нарачка беше и зошто беше свикана, ми беше кажано дека било неформален состанок, меѓутоа по инсистирањето почна да се снима. Од она што го видовме се работи за проект којшто е делумно сработен и којшто од она што ни го кажаа од администрацијата, во овај момент нема потреба од никаква итност, односно јас ги прашав дали се работи за аплицирање до некоја институција каде се поврзани до 18 или до 19 мај, и ми беше кажано дека такво нешто нема. Искрено да ви кажам незнам зошто е поставена како итна точка и до овај момент го видовме само дел од проектот. Нашиот став е дека многу често носиме одлуки за проекти коишто не се готови и за кои ниту имаме претстава како би изгледале, ниту имаме од граѓаните согласност дали истите треба или не треба и она што беше најсимптоматично беше прашањето мое до администрацијата кога е крајниот рок за реализација, односно кога граѓаните на Општина Битола би ги виделе тие велосипедски патеки. На тоа прашање добив одговор по телефон од претседателката на комисијата за економски развој дека и било кажано дека на писмено да се обратам до градоначалникот. Е па сега кога јас како претсдедател на совет не можам да добијам одговор кога се очекуваат во јавност тие велосипедски патеки да бидат реални, тогаш како граѓаните би знаеле за каков проект се работи“, рече Габриела Илиевска, претседател на Совет.

Сакаат нешто да направат но незнаат што сакаат, рече координаторот на советничката група на СДСМ Илиевски и додаде дека станува збор за проект со кој ќе се прави реконструкција на тротоарите, а не изградба на велосипедски патеки.
„Вчера на комисијата гласавме воздржано за велосипедските патеки затоа што беше катастрофална презентацијата од страна на одделението за економски развој, што навистина треба да се прави со нашиот град. Буквално дојде административец од општината проба да објаснува некои работи кои се со големи нејаснотии, денес истата продолжи во која видовме дека проектот не е целосно завршен дека тие немаат комплетна документација, дека тие сакаат нешто да направат но незнаат што сакаат да направат, ќе размислиме како ние подоцна ќе гласаме и ќе имаме свој партиски став за ова. Меѓутоа за интерес на граѓаните и за да не биде извртена вистината, далеку сме од некакви велосипедски патеки, практично на крајот видовме дека тоа е реконструкција на тротоарите во делот на Педагошката улица односно од кружниот тек кај Педагошка до кружниот тек на Веро и во делот на реконструкција на ул.Партизанска, од кружниот тек кај Веро до Градското Шеталиште. Тие предлагаат некаква реконструкција на тротоарите, а тука ни кажуваат дека ќе прават велосипедски патеки. Далеку сме од формирање на вистински велосипедски патеки“, рече Методија Илиевски, советник од СДСМ.

И за Левица проектот е некомплетен и побараа првично тој да биде достапен за граѓаните
„Ние исто денес ќе останеме на ставот да бидиме воздржани, не поради тоа што не сакаме да имаме велосипедски патеки во Битола, сепак од страна на локалната самоуправа и оние коишто го образложуваа овај проект, немаме комплетна прегледност на проектите. Имаме ситуација од Васко Карангелевски каде што се прави една смерна лента за велосипеди, и образложено е толку нејасно што не знаеме каква ќе биде ситуацијата понатаму со дислокација на некои трафики и други работи, а другиот дел од градот каде што ќе се прават велосипедски патеки е по текот на Партизанска. Образложителот кој ја образложуваше оваа точка немаше подготвено проект. Сепак се работи за сума од околу 550 илјади евра, во таа сума не се ставени многу работи и може да варира и може да биде повисока, и поради оваа ситуација ќе останеме воздржани во ставот се додека не видиме детален проект. Мислам дека овај проект првично треба да биде достапен за граѓаните, а не ние како советници да изгласаме нешто што ние немаме визија како ќе изгледа, а напротив граѓаните“, рече Горан Велевски, советник од Левица.
11 советници гласаа „ЗА“, а 17 беа воздржани, во нив советниците од СДСМ, Левица и Поинаку.












