Љубителите и создавачите на театарската уметност низ целиот свет денес го одбележуваат Светскиот ден на театарот. Датумот 27 март е избран од страна на Меѓународниот театарски институт во 1962 година и денес се одбележува во повеќе од сто земји. Секоја година Институтот кани една истакната личност од театарот да напише меѓународна порака. Првата порака била напишана од Жан Кокто, а оваа година, честа му припадна на норвешкиот писател, драматичар, драматург и добитник на Нобеловата награда за литература за 2023, Јон Фосе.Тој истакна дека секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. Преводот го направи битолскиот актер Здравко Стојмиров кој и ја прочита пораката.


Овде Фосе зборува за уметноста во општи рамки, не посебно за театарот или за драмското пишување.
„ Секое уметничко дело длабоко во себе се врти околу едно единствено нешто: земајќи ги сосема посебните и комплетно уникатните нешта, правејќи ги универзални. Соединувајќи ги, посебното со уникатното со помош на уметничка експресија и не со елиминирање на нивната особеност, туку со потенцирање на нивната различност, за да може сè што е туѓо и друго и непознато да свети силно и продорно. Војната и уметноста се спротивности, исто како што се и војната и мирот – толку едноставно. Уметноста е мир“.
Во 1997 година и Македонскиот народен театар се приклучи кон одбележувањето на Светскиот ден на театарот и секоја година избира по една личност која пишува национална порака. Годинава, истата ја напиша филмскиот и театарски актер, театарски режисер, Коле Ангеловски.

Со цел одбележување на Светскиот ден на театарот се организираат бесплатни претстави низ многу земји низ светот, вклучително и во Македонија.












