Тони Коњановски и Борче Димитровски веднаш да си поднесат оставки на функциите заради штетата што ја предизвикаа на европскиот проект СмартФорЈуТу и заради срамот што ѝ го нанесоа на Битола, рече на денешната прес конференција Ивона Трифунов од битолската СДСМ.
„Во последното писмо испратено до градоначалникот, Делегацијата на Европската унија го извести Коњановски дека нема да му ги даде парите што ги побара на 30 октомври лани дури не добие информации што се случува во Битола! Од сите партнери вклучени во СмартФорЈуТу, само Битола со Коњановски и Димитровски на чело не реализира ништо од обврските преземени со договорот потпишан во декември 2021 година!
Цели 26 месеци Коњановски и Димитровски наместо да реализираат, манипулираат! Сите партнери во проектот ги привршуваат обврските, само Битола нема ништо започнато. Во Пустец патеката е изградена, во Мали Град црквата се реконструира, во битолскиот Музеј реконструкцијата на Пациото е завршена, а Коњановски и Димитровски сто пати се премислија за што сакаат да ги потрошат парите од ЕУ, за на крајот ништо да не направат! 26 месеци Коњановски и Димитровски ги влечат за нос партнерите во проектот, а Европската унија плаќа за тоа!
– Колку пари од Европската Унија имаат наплатено досега сите вклучени во проектот СмартФорЈуТу од страна на Општина Битола?
– Колку консултанти, за какви услуги има ангажирано досега Општина Битола во проектот СмартФорЈуТу и за која цена?
– Зошто проектот за реконструкција на Парк кој Коњановски тврди дека е 800.000 евра, стручни лица, со пресметка по денешни цени го проценуваат на максимум 600.000 евра?
– Каде би завршила разликата од 200.000 евра?
Одговорите ќе ги даде истрагата што ја започна Јавното обвинителство.
За да не манипулираат со докази и да влијаат врз сведоци, Коњановски и Димитровски да си поднесат оставки на функциите! Доволно зло направија на Битола! Наместо да се радуваме на уште еден европски проект, Коњановски и Димитровски ја вратија Битола во времето на Талески и Бончановски кога царуваа криминал, злоупотреби, манипулации. Таква е матрицата на ДПМНЕ! А, иста ќе биде и судбината на градоначалникот и на секретарот на Општина Битола“ рече таа.











