Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на престојот во Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации, го посети Њу Џерси.

Во Тотова, претседателката Сиљановска Давкова ја посети црквата „Свети Никола“ каде присуствуваше на литургијата по повод празникот на Рождество на Пресвета Богородица и оствари средба со претставници на македонската дијаспора во Њу Џерси.
На средбата таа најави дека наскоро ќе иницира формирање на Совет за соработка со дијаспората.
„Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
„На Самитот на иднината на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ во рамки на 79. #UNGA го усвоивме Пактот за иднината.
Пактот се фокусира на човековите права, родовата рамноправност, одржливиот развој, меѓународниот мир и безбедност, науката, технологијата, иновациите и дигитална соработка, младите и трансформирање на глобалното владеење“ напиша претседателката Сиљановска Давкова.














