Денеска пред битолските советници одлуката за давање согласност на градоначалникот на Општина Битола да склучи договор со ПСК„Пелистер“. Оваа одлука како што рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Бојан Бојкоски е врз основа на одлуката која што беше донесена на минатата седница за одделување на финансиски средства во висина од 3,8 милиони денари со цел обновување на планинарскиот дом Копанки .

„Во минатото овие договори никогаш не биле дадени на увид пред да се случат. Во интерес на сите, договорот е даден до сите советници, таму се предвидени правата и обврските коишто ги имаат и општината и ПСК Пелистер, меѓутоа со цел заштита на средстата коишто ги дава Општина Битола, да може повторно да биди издавано или пак под концесија, има член во договорот којшто предвидува дека истиот во наредните 20 години нема можност за отуѓување, ставање под хипотека и слично“, рече Бојкоски.

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе го поддржи овај договор бидејќи планинарскиот дом Копанки како што рече Бојковски веќе 9 години е изгорен и е во интерес на сите граѓани од Битола тој да биде возобновен.
„Капацитетите коишто се предвидени во договорот 30% од вкупниот број на легла да биде користен и ќе биде за сите граѓани од Општина Битола . Сите граѓани од Општина Битола ќе имаат можност тие 30% од капацитетот на леглата да ги користат, во било кој период од годината. Овие средства кои ги даваме се стрикно за обнова на Планинарскиот дом Копанки.“, рече Бојкоски.

Дали СДСМ ќе ја поддржи одлуката зависи од текот на седницата, рече координаторот Методија Илиевски и додаде дека тие како советничка група ќе имаат соодветни предлози.
„Тоа се соодветни барања кои ние како советници треба да ги застапуваме правата на граѓаните, а тоа е во тие 30% кои се споменати дека треба да бидат користени од страна на граѓаните на Општина Битола бесплатно, бидејќи ние даваме сериозна сума на финансиски средства, кои граѓани и на каков начин ќе бидат користени тие 30%. Се работи за конструктивен предлог како нашите најмлади и како нашите највозрасни сограѓани да уживаат во благодетите на Планинарскиот дом Копанки“, рече Илиевски.

Советничката група на Поинаку ќе го поддржи договорот помеѓу Општина Битола со ПСК„Пелистер“
„Градоначалникот ќе си го потпиши договорот и секако она што сме го ветиле пред граѓаните треба да го реализираме како советници, бидејќи за тоа сме биле изгласани на последните локалани избори“, рече Илиевска.

Советниците од Левица остануваат на ставот дека нема да го поддржат договорот.
„Ние нашиот став го кажавме уште на претходната седница дека нема да го поддржиме договорот поради тоа што ако се вратеше Копанки под Општината ние би иницирале дупло поголеми средства за да се реконструира, а вака минимална сума од околу 60 илјади евра кои му се даваат на приватник, нема да поддржиме никаква правна сопственост“, рече Горан Велевски, советник од Левица.

Со 15 гласа „за“ дадени од советниците на ВМРО ДПМНЕ и Поинаку одлуката за регулирање на меѓусебни права и обврски помеѓу Општина Битола и ПСК „Пелистер“ Битола беше изгласана. Советниците од СДСМ и коалицијата беа воздржани, а против гласаа советниците од Левица.












