Со наслов „Сонувајќи ја природата“ уметникот Стефан Малбашиќ ја презентираше својата самостојна изложба пред љубителите на уметноста во Центарот за култура.
Природата како извор на инспирација и мотив за нешто убаво, секогаш е примарна но и трајна основа кај голем број уметници и творци од различни дејности. Во овој проект Малбашиќ, ја презентира природата во најубавиот сегмент. Изложбата е составена од 3 циклуси.

Стефан преку убавината, нежноста и привлечноста на цветот, не прошета низ полињата и убавините на Кенија. Целата изложба и дела авторот ги црпи од неговиот престој во Кенија. Маѓепсан од убавините на природата и цвеќето како симбол на мир, убавина, нежност, невиност, посебно во бела боја, со својата уникатност на опстојување само во таа земја, го плени авторот и го мотивираше да се искаже на платно.
Свое обраќање на изложбата имаше директорката на НУ Центар за Култура Маја Андоновска Илијевски. За изложбата и делата на Малбашиќ говореа Драги Филевски и историчарот на уметност, графичарот, ликовниот критичар Владо Ѓорески, кој воедно беше и дизајнер на плакатот за изложбата.

Ѓорески додаде дека карактеристиката во ликовниот ракопис на Малбашиќ е брзината, композицискиот зен и рефлексивниот принцип кој се движи од скоро светлата бела боја до раскошот на расцутувањето.
„ Битолската публика знае да ги препознае уметничките модерни текови“, истакна Малбашиќ.
На изложбата беа презентирани 20 уметнички дела, акрил на платно. Во рамките на проектот се реализираа и едукативни активности кои покрај презентативната улога, уште повеќе ја популаризираат современата уметност меѓу младите, а и пошироката публика.

Малбашиќ е роден 1984 година во Битола, по завршеното Училиште за применета уметност, дипломирал на Факултет за ликовна уметност и магистрирал во класата на проф. Ибрахим Беди. Реализирал голем број на самостојни изложби, а учествувал и во групни изложби, ликовни колинии во земјава и во Бугарија, Франција, САД.












