ТЕРА

REKLAMA???

СО ЕДНОМИНУТНО МОЛЧЕЊЕ МУ ОДДАДОА ПОЧИТ НА БЛАГОЈЧЕ ИЛИЈЕВСКИ

„Жалосно е што во 21 век имаме лек за цистична фиброза, а луѓе да умираат од оваа болест. Не требаше да умре Благојче па преку ноќ да се најдат пари“, рекоа од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Членовите на Асоцијацијата се собраа попладнево пред Владата и со едноминутно молчење му оддадоа последна почит на Благојче Илијевски од Битола, еден од нивните најактивни членови кој почина вчера, чекајќи државата да го набави лекот „Трикафта“.

Попладнево во Владата, премиерот Димитар Ковачевски имаше средба со претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Ковачевски уште еднаш изрази длабоко жалење за смртта на прерано починатиот Благојче Илиевски, кој ја загуби битката со болеста цистична фиброза.

Тој посочи дека веќе се дадени насоки за итна набавка на лекот за најкритичните пациенти со оваа болест, за во најкраток можен рок да се набави, за што веќе се одобрени над 2,2 милиони евра.  

Премиерот потенцираше дека нема да дозволи ниту еден пациент во земјава да биде издвоен или маргинализирани, само затоа што има скапа терапија. Во Владата, ќе се формира посебно тело составено од стручните советници на премиерот, ФЗОМ, МАЛМЕД, БЈН, Клиника за детски болести и претставници од Асоцијацијата за цистична фиброза, кои до крај на следна недела треба да направат предлог измени на Закон за јавни набавки, Закон за лекови и Закон за здравствено осигурување за да може директно да се преговара за набавка на лекот и на овој начин да се обезбеди лекот за сите пациенти. Со  измени на постоечки законски регулативи, би се направило системско решение односно државата во директни преговори со производителот на лекот би ја набавувала потребната терапија.

Дополнително, за прв пат ќе се подготви тригодишна Програма за пациенти со цистична фиброза, во која што ќе има буџетска предвидливост за секоја година за да може сите пациенти да го добиваат лекот, се вели во соопштението од Владата.

Претходно премиерот рече дека на министерот за здравство, му кажал дека за него ситуацијата со пациентите со цистична фиброза, особено со смртта на Благојче Илиевски, е неприфатлива и побарал од него да каже дали може да го продолжи својот мандат.

Премиерот рече дека можело да се направи повеќе за да се продолжи животот на Илиевски, но не било направено поради, како што истакна, комплицираната и неверојатна бирократија поради која нашата земја пати 30 години.

Во меѓувреме министерот за здравство Беким Сали соопшти дека обезбедени се 140 милиони денари за лекот „трикафта“ за 8 пациенти со цистична фиброза.

Станува збор за буџетски средства наменети за Клиниката за детски болести, каде сумата од 563.504.040 ден се зголемува на 703.504.040 ден, односно за дополнителни 140.000.000 ден.

Попладнево преку соопштение министерот Сали изрази најдлабоко сочувство до блиските на починатиот Благојче Илиевски.

„Навистина сум потресен што се случи ваква трагедија, и ниту едно објаснување или изјава од политичар нема да го врати тој живот. 

Сепак, не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени.  Затоа, еве ги фактите.  (1) Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза.  (2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства.  (3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ. 

Оттаму, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност.  Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника.  Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот.   

Затоа, мислам дека е неодговорно да си ја префрламе одговорноста.  Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, јас исто така би можел да одговорам со прашање: дали некој, кој, и покрај барањето на МЗ, не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот.  Би можеле да прашуваме и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа.  Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика. 

Јас знам дека политиката е сурова професија, но ние сепак имаме обврска да го задржиме достоинството и човечноста. Сепак, сите ние сме потенцијални пациенти на јавното здравство, и мора да имаме чувство за маките на нашите сограѓани, без разлика на ограничените ресурси“ се вели во пишаната изјава на министерот за здравство.

Претпладнево пратеникот и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки побара оставка од претседателот Стево Пендаровски.

„Во текот на вчерашниот ден целата македонска јавност беше сведок на трулоста на системот воден од ДУИ и СДС. Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски со години ги злоупотребуваат трагичните судбини на болните од цистична фиброза ветувајќи им лек, се сликаа со нив, ги користеа за себе промоција и на крај ги оставија без нужниот медицински третман, резултат е починат наш сограѓанин на кого Стево Пендаровски лично му ветуваше помош.

После неколку години чекање за набавка на лек и организирање на протести со молење за помош за спас, Власта остана одлепена од реалноста и со игнорантскиот однос уште еднаш докажа дека е глува на барањата на своите граѓани.

Ова е фотографија од вест објавена на 15 јуни 2021 година, од Стево Пендаровски со сега веќе починатиот наш сограѓанин Благојче Илиевски, на кого тој му вети помош и лична заложба, но 2 години ништо не направи.

Соопштението од страна на претседателскиот кабинет по средбата на Пендаровски со Здружението на болни од цистична фиброза, уште стои на веб страната на оваа институција, но заложбите на Пендаровски останаа само ветување и злоупотреба на случајот на 130 наши сограѓани во политички цели.

Големата желба за лична промоција, како и отсуството на одговорност кај претседателот на државата Стево Пендаровски, не им помогна на луѓето што бараа негова помош, иако истата тој им ја вети.

Токму на примерот на односот на власта и на носителите на највисоките државни функции кон поедини граѓани, се гледа колку е распаднат системот и колку тој не функционира“ рече Ковачки.

Во врска со ставовите искажани од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, за претседателот Стево Пендаровски, кои се однесуваат на ветувања за набавка на лекот за цистична фиброза, Кабинетот на претседателот ја испраќа следната реакција:

За жал, не бил неписмен само пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, туку и оние кои го пишувале соопштението на таа политичка партија. Ако можеме некако да им помогнеме на луѓето во ВМРО-ДПМНЕ, во прилог им го доставуваме барањето на Асоцијацијата за цистична фиброза за средба со претседателот во јуни 2021 година, во кое ниту тие не бараат претседателот да ги набавува неопходните лекови, затоа што знаат дека надлежните институции за тоа се Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Исто така го доставуваме и соопштението од Кабинетот на претседателот во кое никаде не се споменува ветување за набавка на лек, затоа што за оние кои ги разбираат работите, Претседателот не е надлежната институција за набавка на лекови.

Не веруваме дека јасната содржина во двата документи ќе ви помогне да разберете за што се работи, затоа што е јасна вашата цел, да го дискредитирате политичкиот противник и кога немате буквално ниту еден аргумент на своја страна.

Нечовечки е да ги злоупотребувате личните и семејните трагедии на луѓето за добивање на политички поени.

Да повториме уште еднаш, иако претседателот не е надлежен за набавка на лекови, тој смета дека сите лица од оваа категорија на болни, мора најитно да ја добијат неопходната терапија, се вели во реакцијата од кабинетот на претседателот Пендаровски.