Закажана за 10:00 часот, не почна навреме. Откако се собраа сите, дојде и градоначалникот, здравоживо со советникот Чулакоски, ги поздрави советниците од спротивната страна на новото мнозинство, го отпоздрави и советникот од СДСМ Корлевски, разменија збор- два и продолжи до своето место, го одмина координаторот на СДСМ Илиевски што досега не било случај и отиде да се поздрави со првата меѓу еднаквите претседателката Илиевска.
Седницата на која главна точка е ребалансот на буџетот, а на која присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, започна со интонирањето на македонката химна, што согласно одлуката на Советот стана пракса.
А кога Коњановски е на седница тогаш ги има и советничките прашања. Претседателската Илиевска беше прва на говорницата.
„Дали може да ми кажете како до Општина Битола стигнале понуди за организација на Битфест без јавен повик и да ми одговорите дали истите стигнале по гулаб, по пошта, дали тука дошле некои здруженија на граѓани и доколку тоа е начинот, еве денеска апелирам до граѓаните на кои им требаат клими, дограми, решенија или било што друго, нека повелат и нека поднесуваат барања, бидејќи истите очигледно ќе бидат разгледани“ рече Илиевска.
Коњановски рече дека повторно седницата се почнува со евтин дефокус.
„На една многу важна тема на која сите треба многу сериозно да се осврнеме, мислам дека јавноста беше доста запозната мислам и во она што беше поставено како советничко прашање од страна на претседателката, еден настан кој фрли светлина, на сето она што се случува кај нас, зборувам за почетокот на Битфест. Еве прв пат слушам од страна дека некој едноставно на тој настан наоѓа замерки и сите оние тешки обвинувања кои што беа искажани во делот на културата, наместо да се насочиме кон сериозната тема на ребалансот, во делот на инфраструктура, проекти, средства за субвенционирање на јавните претпријатија, подобрување на нивната работа, образованието. Во делот на културата сакам да кажам дек сме општина која што издвојува скоро 2 проценти од вкупниот буџет. Напоменувам 2 проценти. За разлика од општини како што се Куманово и Кавадарци, во однос на бројот на жители, издвојуваат многу повеќе. Сето она што се постави е легитимно да се постави како прашање. Сето она, кажа и претседателката дека го добила од официјални податоци, тоа не се од извори од општината или од некој кој ги предал тие податоци. Податоците се официјални, секој може да ги провери и да бидат на увид и за сето тоа има постапка. Поставививте легитимни прашања, легитимно ќе ви биде одговорено“ рече Коњановски.
Таа побатра од градоначалниот на Битола да го повлече ребалансот.
„Се додека Општина Битола бара 81 милион денари за професионален спорт, а само 800 илјади денари за училишен спорт, кога во меѓувреме пропаѓаат сите детски терени, сите спортски терени, сите училишни терени, сите спортски сали во училиштата. Се додека барате на бело, а на црно уште којзнае колку, 30 милиони за култура, а градот ни е претворен во депонија, смрди на секој ќош, нечисто е, имаме дупки и имаме нерешена канализација, советничката група на Поинаку, таков ребаланс нема да поддржи“ рече Илиевска.
Коњановски за ребалансот рече дека имало довоно време да се изанализира и дека имало квалитетни дискусии во подготовката на оваа седнцица.
„Уште еднаш да ве замолам на плодна дискусија. Работиме во интерес на граѓаните, можеби она што сакаме да го кажеме, за некој е приоритет едно, за некој е друго, меѓутоа Битола е град и на културата и на спортот. Ве замолувам тоа да го имате во предвид, и го имате во предвид знам. Тоа го препознаваат сите во државата, во Македонија. Меѓутоа ете на некои луѓе тоа не им се допаѓа начинот на кој се организираат тие манифестации, манифестација која велат беше посетена од над 4000 посетители, која што беше светол пример како се организира еден таков настан за толку кус период“ рече Коњановски.
Илиевска со порака до своите колеги.
„Сите вие кои што денеска ќе решите да крените рака за да го поддржите овој ребаланс, ќе бидете соучесници со најголемите криминални афери“ рече таа.
Тој им посака успешна работа на денешната седница.
„Во секој случај очекувам конструктивна дискусија од сите советници, независно од која советничката група припаѓаат, секој има право и можност да даде своја сугестија, и ве уверувам дека сето она што ќе биде продуктивно, конструктивно и во интерес на граѓаните, без разлика на која политичка опција припаѓаат, ќе биде прифатено секако во рамките на ребалансот“ рече Коњановски.
Тој пред неколку дена кажа дека не сака да помисли што би се случило доколку не се донесе ребалансот.