Премиерот Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
Како што соопштија од владата на средбата, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата. Разговарани беа придобивките од членството на Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави.
Двајцата соговорните зборувале и за борбата против корупцијата, како и процесот на скринингот со ЕУ. И двајцата се согласиле за важноста од унапредувањето на добрососедските односи.
Дополнително, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за ефикасното справување со енергетската и економската криза, економскиот развој како и носењето на реформски закони кои значат унапредување на функционирањето на државата како што се законските решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој.
Работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму.
Првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски истакна дека на состанокот не се разговарало за кадровски решенија.
„Можам да кажам дека 90 отсто од програмските определби се синхронизирани. За кадровските решенија воопшто не зборувавме, се надевам дека деновите што се пред нас, ќе ги отвориме и кадровските решенија. Се задржавме во програмските определби на нашата партија и владата“, рече Таравари.












