Советничката група на СДСМ денеска до Основното јавно обвинителство во Битола поднесе кривична пријава против градоначалникот Тони Коњановски. Кривичната пријава ја поднесоа поради како што велат злоупотреба на службената должност во врска со непостапувањето на одлуките на советниците за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори.

„Пред самата седница ние денес бевме до Основното јавно обвинителство поднесовме кривична пријава за градоначалникот Тони Коњановски за 27 седница на Советот. Сметаме дека градоначалникот погреши во постапките за објавување на одлуките затоа што истиот е должен во одреден предвиден законски рок после потпишување на актите од страна на претседателот на Совет, после донесување на актите дека се веродостојни и можат да продолжат дека е должен да ги објави во службен весник, и доколку смета дека има било какво прекршување на правилниците и законите тој треба да ги врати назад до Советот на повторно разгледување во рок од 15 дена. Меѓутоа тоа тој не го направи, ја злоупотреби својата службена должност, не ги објави актите и не ги врати назад до Советот. Сметаме дека тука е нарушена демократијата, нарушени се правилата и законите во нашата земја и дека се пробува на сила да се спречи нешто кое не може да се пречи, а тоа е управните одбори да станат граѓански и граѓаните да завладеат со јавните претпријатија, бидејќи хаваријата која што се случува во истите можиме на таков начин да ја спречиме“, рече советникот од СДСМ Методија Илиевски.

На 30 јуни, односно в петок Државниот инспекторат за локална самоуправа треба да утврди дали се работи за законско или не законско разрешување на членовите на управните и надзорните одбори, вели координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Бојан Бојкоски.
„На претходната седница имавме едно незаконско разрешување на членовите на управните и надзорните одбори бидејќи тоа се коси со законот за јавни претпријатија и градоначалникот уште тогаш кажа дека нема да ги потпише. На 30.06 доаѓа инсопекторот од Државниот инспекторат за локална самоуправа кој треба да се произнесе, но ние сигурни сме дека како претходно што се произнесе дека 26 седницата беше незаконски прекината уште еднаш ќе се потврди дека целото она незаконие кое што сакаат да го прават тука одредени советнички групи во Советот и тоа ќе им биде писмено соопштено и ќе биде на очиглед на целата јавност“, вели Бојкоски.
Во однос на поднесената кривичната пријава за градоначалникот од страна на СДСМ, Бојкоски вели:
„Такво нешто во Законот за локална самоуправа не постои тоа е само политички маркетинг којшто го прави СДСМ бидејќи го губат тлото под нозете, на сите анкети коишто излегуваат рејтингот нивни е катастрофален и се обидуваат со едни фингирани и неиздржани кривични пријави да го паднат рејтингот и на градоначалникот и на ВМРО ДПМНЕ“, рече Бојкоски.

Претседателкаата на Совет смета дека се работи за кочење на одлуките кои ги донел Советот.
„Јас се обратив неколку пати до градоначалникот и кажав дека не може да се изврши запирање на општи акти бидејќи тој мене на писмено ми кажа дека не ги рачуна за прописи. Се обратив исто така на писмено за да ми објасни по кој пропис по кој член по кој закон има право да ги запри општите акти, ќе ви го доставам неговиот одговор кој е многу конфликтен и не можам да ви објаснам зошто истото е запрено кога нема никаква законска основа да биде запрено, тоа ќе го препуштиме на институциите очигледно, бидејќи вчера видовме дека во службен гласник се објавени половина од актите, актите кои се донесени за разрешување на управните и надзорните одбори не се објавени, меѓутоа не е објавено ниту решение со кое градоначалникот вели според член 55 дека треба да се вратат на Совет и дека повторно треба да се разгледаат. Сметаам дека се работи буквално за закочување на одлуки кои ги донел Советот, меѓутоа градоначалникот нема законска можност ниту право да запре одлуки кои ги донел Советот“, рече претседателката на Совет Илиевска.
Како што веќе информиравме на претходната седница на Совет мнозинството на советници односно советниците од СДСМ, Поинаку, Левица и ДОМ донесоа одлуки за разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија кои покажеле негативни резултати.












