Утре ќе заседава советот на Општина Битола. На 29-та седница според дневниот ред, ќе се најде и ребалансот на буџетот, за кој се очекува жестока дебата. Советниците ќе треба да гласаат и за одлуката за давање согласност и овластување на Градоначалникот на општина Битола за измирување односно пренасочување на средства од буџетска сметка на Општина Битола.
Изградба на колектор за одведување на фекални отпадни води од локалитет Бегова чешма–Национален парк Пелистер, ќе се најде на оваа седница. Пред советниците и повеќе измени на програмите за уредување на градежно земјиште, за користење и одржување на јавното осветлување, ќе се менува и програмата за развојни планови, за образование, за култура, социјална заштита, потоа за туризам, за животна средина, како и измени на програмата за економски развој.
Советот ќе ја разгледува и завршна сметка за ФК Пелистер АД Битола за 2022 година, како и завршна сметка за КК Пелистер АД Битола за 2022 година.
На претходната седница беше ставена, а потоа повлечена одлуката за вовчето Мечо. Сега повторно е ставена и советот ќе расправа за решението за давање согласност на Одлуката за утврдување на услугата возење со Елекетричното Вовче Мечо во Градскиот парк во општина Битола на ЈП Паркинзи, како и решението за давање согласност на Правилникот за работа со електричното вовче „Мечо“ наменето за туристички разглед на деца. Предлогот како и за претходната седница е цената за возење да биде 50 денари со вклуен ДДВ, а се предлага двосменско работење, односно возење од 9 до 13 часот и од 18 до 22 часот.
Со возот можат да се возат максимално 24 деца колку што е капацитетот, а во него не смеат сами да бидат деца под 3 годишна возраст, туку во присуство на родител-старател и се наплаќа еден билет само за детето, а не и за придружбата.












