Првата конференција во рамки на проектот „Обновливи извори на енергија за греење во битолскиот регион“ понуди решение за енергетска транзиција на топловодот. Експертски тимови од Институтот ГАУС од Битола во партнерство со Фондацијата „100 проценти од обновливи извори“ од Берлин, Германија работат на физибилити студија којашто ќе ги покаже сите наши можности да се фати чекорот со светот во однос на системот на централно греење.
„Со студијата ќе се добијат комплетни резултати, какви топлински пумпи ќе требаат, каков ќе биде изворот на електрична енергија и ќе се направат и техно-екононски анализи – колкава ќе биде цената на топлинската енергија, што е важно за конзументите, ништо нема да добиеме ако таа биде висока“. – вели Весна Неделковска, координатор на проектот од Институтот ГАУС.
И германското искуство зборува за трансфорамција кон обновливите извори, со таа разлика што нивните централни топлински системи се поодамна изградени. И кај нив во изминатиот период стана јасно дека социо-економскиот аспект на транзицијата е многу важен за континуираниот развој на регионите.
„Во студијата што ние ја правиме ќе ги разгледаме сите еколошки, економски и социјални фактори кои влијаат на ваквите проекти и ќе послужат како насока за понатаму. А особено, со примена на овој план ќе имаме вкалкулирани цени за наредните 20 -30 години што секако позитивно ќе влијае на социјално-економската моќ на граѓаните. Ќе се отворат многу повеќе места за работа отколку со комбинатот сега.“ – вели Харалд Уфхоф, извршен директор на Фондацијата „100 проценти од обновливи извори.“
Студијата ќе ja покаже можноста за комплетно декарбонизирање на системот за централно греење, коешто нема да биде на било кое фосилно гориво туку на сосема обновливи извори на енергија. И ова е најважниот момент за граѓаните, но и државата во меѓународното милје. На последната Конференција за обновливи извори КОП 28 во Дубаи се потврди инвестицискиот план со кој државата ќе го забрза процесот на енергетска транзиција.
„Мислам дека позитивното искуство е што донесовме одлука во однос на енергетскиот систем се посветуваме и ги правиме чекор по чекор, а негавното е што кај некои влади што направија пауза, ги одолговлекуваат и забавуваат процесите. Најдобро е да се држи темпо. Сега имаме обврска секоја општина во Германија до 2045 година да премине на 100% обновлива енергија. “ – рече Уфхов за Тв Тера.
„Како локална самоуправа и ние сме свесни за значењето на обновливите извори на енергија…. ја пропуштивме шансата во изминатите 40 години, градот да биде поврзан на топлинска енергија. Затоа е добро да се гледа визионерски во иднината и да се бараат зелени решенија за идниот топловод.“ – рече градоначалникот Тони Коњановски на конференцијата, на која информираше дека во моментот на три средни и 6 основни училишта се поставуваат фотоволтаци, дека со европскиот проект „ЕУ за чист воздух“ се заменети системите за греење во неколку училишта, дека се субвенционираат граѓаните и при купувањето велосипеди, клима уреди и енергетски ефикасна дограма, со што директо се влијае на едукацијата на населението кон потребните промени.
Европскиот зелен договор вели климатски неутрална Европа до 2050 година, а еден од начините за постигнување е декарбонизацијата на енергетскиот сектор.