Откако во Европската комисија беа одобрени реформските агенди на шестe земји од регионот кои се поврзани со Планот за раст за Западниот Балкан, претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен на заедничката прес конференција во Скопје со премиерот Христијан Мицкоски рече дека првата транша што треба да пристигне во земјава до крајот на годинава изнесува 52 милиони евра од вкупно планираните 750 милиони евра.
„Втората иницијатива која што сакам да ја споменам е нашиот заеднички инвестициски план за Западен Балкан. Поминаа четири години откако е воспоставен и дава добри резултати. Во Северна Македонија планот веќе мобилизираше 1,7 милијарди евра во инвестиции и ќе се фокусира на транзицијата кон чиста енергија.
Како што знаете во Европската унија ние се посветивме на тоа да бидеме климатски неутрални до 2050 година и затоа е важно нашите партнери од Западен Балкан да ни се приклучат на ова патување.
Во Северна Македонија обновливите извори претставуваат една четвртина од производството на енергија, па затоа сакаме да го зголемиме овој капацитет. Ги имаме Осломеј и електраната во Битола кои што треба да работат на соларна енергија, како и ветерниот парк Богданци. А исто така инвестираме и во чист транспорт за подобра поврзаност во регионот и со Европа“ рече Фон дер Лајен.












