ТЕРА

REKLAMA???

Административец ќе остане без работа ако две години по ред добие “единица” за работењето

Административните службеници кои две години последователно ќе добијат најниска оценка за својата работа, односно оценка „1 – не задоволува“, ќе се соочат со престанок на работниот однос. Ова е една од позначајните новини во измените на Законот за административни службеници, усвоени на 125. седница на Собранието.

Законските измени опфаќаат повеќе области од функционирањето на јавната администрација, меѓу кои оценувањето на вработените, условите за напредување, дисциплинската одговорност и начинот на организација на службата.

Според образложението на предлагачите, целта е да се воспостават појасни правила за примена на законските одредби и да се обезбеди поголема правна сигурност. Со новите решенија се предвидува и усогласување на статусот на службениците во Собранието и регулаторните тела со статусот на другите категории посебни државни службеници.

Промени се предвидени и во постапките за унапредување. Се укинува можноста административен службеник да напредува без претходно распишување интерен оглас. Според предлагачите, со ова треба да се обезбедат поеднакви услови за сите кандидати и доследно почитување на принципот на напредување врз основа на заслуги и професионални квалитети.

Посебно внимание привлекува одредбата за последиците од негативното оценување. Доколку службеникот две години по ред биде оценет со оценка „1 – не задоволува“, работниот однос ќе му престане по сила на закон.

Измените предвидуваат и поедноставување на постапките, при што се задржува правото на жалба. Дополнително, попрецизно се регулираат прашањата поврзани со дисциплинската и материјалната одговорност на административните службеници.

Одредбата од членот 80, која се однесува на парична награда за исклучителен ангажман, ќе почне да се применува од 1 јануари 2028 година.

Законот беше усвоен по скратена постапка, но не доби поддршка од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Од партијата предупредуваат дека одредени законски решенија може да создадат можност за политички притисоци врз административните службеници.

Владејачкото мнозинство, од друга страна, ги претставува измените како чекор кон поефикасна, потранспарентна и попрофесионална јавна администрација.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев посочува дека квалитетната администрација не зависи само од законската регулатива, туку и од стручноста, компетентноста и способноста на вработените да одговорат на потребите на граѓаните.

Во насока на дополнително јакнење на професионалните капацитети, Министерството работи и на воспоставување Академија за стручно усовршување и обука на административните службеници. Во тек се активностите за утврдување на нејзината институционална поставеност, организациски модел, програми за обука и приоритети.

Планирано е Академијата да започне со работа на почетокот на 2027 година, со цел да овозможи континуирано унапредување на знаењата и вештините на административните службеници.