Американскиот претседател Џо Бајден денеска (18 октомври) ќе води разговори за Украина со лидерите на Германија, Франција и Велика Британија во Берлин. Оваа посета следи по обраќањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој им презентираше на лидерите на ЕУ и високи претставници на НАТО низа мерки за кои тврди дека ќе помогнат во завршувањето на кризата и 31-месечната руска инвазија.
Посетата на Бајден доаѓа во време кога Русија ги засили нападите врз украинските градови и инфраструктура, со што се случи, според еден украински функционер, „еден од најмасовните“ напади со беспилотни летала во земјата.
Бајден, кој пристигна во Германија во четвртокот, требаше да ја посети минатата недела и да учествува на состанокот на Рамштајн групата, позната и како Контакт група за одбрана на Украина.
На почетокот, американскиот претседател ќе се сретне со својот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер, кој најави дека ќе му го врачи Големиот крст на Орденот за заслуги, највисокото германско признание. Потоа, Бајден ќе разговара со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.












