ТЕРА

REKLAMA???

Дали сте спремни за уште една “Зимската приказна” без наведен буџет и можност за договори во четири очи?

Општина Битола го распиша јавниот повик за новогодишната манифестација „Зимска приказна“, но со правила кои го отвораат прашањето дали станува збор за фер натпревар на идеи или за параван за трошење народни пари без контрола? Иако повикот треба да обезбеди транспарентност, во него стои одредба со која комисијата на градоначалникот си дава право да ангажира дополнителни изведувачи и надвор од јавниот повик. Освен ова, во документот никаде не пишува колку пари ќе се трошат, а рокот за аплицирање е сведен на само седум дена.

На неполн месец пред почетокот на новогодишната еуфорија, Општина Битола бара уметници за манифестацијата „Зимска приказна“. Но, наместо јасни правила и фер услови, јавниот повик објавен денес, изобилува со нејаснотии и остава огромен простор за одлучување по мерка на Тони и, веројатно, на Борче. Најспорниот момент се крие на втората страница од документот. Таму, без никакво ограничување, пишува дека комисијата формирана од градоначалникот има право да ангажира и дополнителни изведувачи надвор од јавниот повик. Со оваа една реченица, практично се обесмислува целата постапка, бидејќи локалната власт си остава одврзани раце да дели договори и хонорари во четири очи, без никаква конкуренција и отчетност.

Уште поголем сомнеж буди фактот што во повикот никаде не е наведен вкупниот буџет на манифестацијата, ниту пак колкав е максималниот износ што може да го добие еден проект. Уметниците аплицираат на слепо, а комисијата ќе ги оценува според десет општи критериуми, без никаква бодовна скала за тоа што и колку се вреднува.

Дополнително, рокот за пријавување е само пет работни дена, односно до втори декември. За ова кусо време, од кандидатите се бара да достават професионално елаборирани проекти со домашни и странски уметници и задолжителни активности со експерти. Тоа е задача која е речиси невозможна за оние кои немале однапред подготвена документација.

Парадоксално е и тоа што во повикот стои дека право на учество имаат и физички лица, но истовремено се бара апликацијата да биде задолжително потпишана со печат. Згора на сè, избраните уметници ќе мора програмата да ја финансираат од сопствен џеб, бидејќи Општината парите ќе им ги исплати дури по завршувањето на празниците, најдоцна до средината на февруари следната година.

Со вака скроен јавен повик, наместо вистинска поддршка за локалната културна сцена, останува впечатокот дека „Зимската приказна“ во Битола уште пред да почне, личи на приказна со однапред познат крај за распределба на општинските пари.