Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден изјави дека Украина не е подготвена за членство во НАТО, тврдејќи дека руската инвазија на таа земја мора да биде завршена пред членството, пишува Радио Слободна Европа.
Во интервјуто што го емитуваше Си-Ен-Ен на 9 јули, Бајден рече дека САД и нивните сојузници во Алијансата ќе продолжат да му обезбедуваат на Киев оружје што му е потребно за да се брани во војната со Русија.
Коментарот на Бајден доаѓа пред неговата посета на Европа, која започнува во Лондон, продолжува во литвански Вилнус на самитот на НАТО на 11 и 12 јули, а потоа следува престој во Финска, каде ќе се одржи средба со лидерите на најновата членка на НАТО.
Тој посочи дека во НАТО нема едногласна позиција за тоа дали Украина треба да добие членство „во овој момент, среде војна“.
„Ако го направите тоа, тогаш знаете дека ние сме решени да се посветиме на секоја педа територија што му припаѓа на НАТО. Тоа е обврска што сите ја презедовме без разлика на се. Ако војната продолжи, тогаш сите сме во војна. Во тој случај, во војна сме со Русија“, рече тој.
Бајден рече дека често разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски за ситуацијата во НАТО и го уверувал за поддршката на Вашингтон додека Украина се брани од руската агресија.
„Мислам дека треба да поставиме рационален пат за Украина да се квалификува за НАТО“, рече Бајден.
Американскиот претседател патува во Европа пред самитот на НАТО, откако неколку сојузници ја доведоа во прашање неговата одлука да испрати касетни бомби во Украина.












