Оркестарот на Филхармонијата го одржа концертот насловен „Бедем“ на кој како солистка настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу (Кина/Англија). Диригентка беше Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата беа Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно прозвучија на овој концерт.

Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година, композиторката Бете Илин за првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата „Robert’s suite“ (2020), која има четири става. Секој став е насловен според книгите на овој познат автор. Вториот став „Заведување“ е инспириран од книгата „Уметност на заведувањето“, во кој е опишана најсуптилната и најефикасната форма на моќта – заведувањето. Во овој став од суитата, композиторката Бете Илин се обидува да го долови чинот на заведување со употреба на разновидни средства кои креираат возбудлива музичка атмосфера. Четвртиот став е инспириран од книгата „Мајсторство“, во која Роберт Грин пишува за различни нешта кои му помогнале да го трасира патот до мајсторството во неговата професија.

Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Виолинистката Леиа Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“.












