Младиот македонски боксерски талент Арабел Рустемовски во родната Битола се врати со европска бронза околу вратот од Европското првенство за боксери до 17 години во Будва, Црна Гора.
За Арабел ова беше посебен и емотивен момент по напорните денови минати на рингот во Црна Гора, каде што рамноправно се бореше со најдобрите млади боксери од Стариот континент. Зад овој голем спортски резултат стојат многу труд, откажувања, но и безрезервна поддршка од најблиските.
На шампионатот во Будва, Рустемовски имаше извонреден настап во категоријата до 60 килограми. На патот до одличјето, тој покажа врвна подготвеност и карактер, остварувајќи значајна и голема победа против италијанскиот фаворит Цезаре Спацијани.
Со оваа победа тој се пласираше во полуфиналето, каде што во неизвесна и машка борба беше запрен од британскиот претставник Чарли Кит. И покрај тесниот пораз во битката за финале, Арабел се закити со бронзен медал — успех кој е од огромно значење за него, за матичниот клуб и за иднината на македонскиот бокс.
Оваа европска бронза не е случајност, туку континуитет на неговиот огромен потенцијал. Само една година претходно, младиот боксер забележа уште еден колосален успех на Европското јуниорско првенство во Нови Пазар, Србија. Битолчанецот и од тој шампионат се врати со бронзено одличје, што тогаш беше запишано како негов најголем успех во кариерата и еден од најсветлите моменти во историјата на неговиот боксерски клуб „Пелистерски Јунак“.
Успесите на Арабел се продолжение на една долга и богата спортска традиција. Тој потекнува од старо и еминентно битолско боксерско семејство. Тој е внук на легендарниот Сакип Рустемов — еден од најдобрите боксери во историјата на Битола, кој во дресот на некогашната југословенска репрезентација ги бранел боите и на мечеви против САД.
Следбеници на оваа традиција се и неговите постари браќа, кои исто така се добро познати во боксерскиот свет: Ружди Рустемовски и Ален Рустемовски, во јавноста познат под прекарот „Златна десница“.
Од младиот Арабел Рустемовски допрва се очекуваат големи дострели на меѓународната сцена, а новата европска бронза е само уште еден крупен чекор кон остварување на неговите шампионски соништа.












