Поранешниот раководител на инспекторатот во Општина Битола, Кире Мицевски, е прогласен за виновен за кривичното дело бесправно градење. Основниот суд во Битола му изрече условна осуда, со утврдена затворска казна од две години, која нема да се изврши доколку во наредните четири години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.
Судската одлука е донесена на 16 ноември 2026 година, потврдија од Основниот суд во Битола за Тера телевизија, но пресудата сè уште е во изработка и по нејзиното комплетирање ќе биде објавена на интернет-страницата на судот.
Инаку, случајот се однесува на објект во близина на битолското село Дихово, кој во април 2025 година се најде под лупа на општинските градежни инспектори во рамки на контролите за утврдување бесправно изградени објекти. Парадоксот во случајот беше што сопственикот на објектот беше токму раководител на општинскиот инспекторат, институција надлежна за контрола на ваквите појави.
По добиените сознанија, Општина Битола тогаш соопшти дека извршила увид и ја проверувала документацијата за објектот. Според информациите што тогаш беа објавени, во документацијата имало решение од Министерството за земјоделство за приземен објект со површина од 66 квадратни метри и висина до венец од 2,80 метри. Бил доставен и геодетски елаборат врз чија основа била извршена легализација на објект со приземје, кат, поткровје и мансарда. За да се утврди реалната состојба на терен, Општината ангажирала геодетска фирма за ново мерење. Резултатите покажале дека објектот има приземје, кат и поткровје, а висината до венец изнесувала 4,60 метри од пристапниот пат, односно 5,40 метри од нивото на теренот на кој е изграден.
Мицевски тогаш ги отфрли сомневањата за незаконска градба и тврдеше дека станува збор за легализиран помошен објект на земјоделско земјиште, без дополнителни доградби и надградби. Тој тогаш откри и дека за истиот случај била спроведена истрага од Обвинителството, но дека по неа не бил поднесен кривичен акт.
Дополнителни прашања за намената и статусот на парцелата отворија и податоците од Катастарот, објавени во март 2025 година. Земјиштето било заведено како нива, со можност за изградба на помошни земјоделски објекти, како фарми, но без наведена намена за станбена куќа, а од друга страна, на парцелата бил изграден и базен.
Пресудата против Мицевски засега не е правосилна, па конечниот исход на судската постапка ќе зависи и од евентуалната жалбена постапка.











