ТЕРА

REKLAMA???

Општината ги крие имињата на членовите на комисијата која ќе подели најмалку 6.000.000 денари за “Зимска приказна”

Општина Битола ги крие имињата на членовите на комисијата која без утврден финансиски лимит ќе дели 6 милиони денари народни пари за новогодишната „Зимска приказна“. Откако вчера локалната власт призна дека за „Зимска приказна 2027“ се планирани 100.000 евра од буџетот за туризам и дека не постои максимален лимит колку пари може да добие еден изведувач, логично се наметна клучното прашање кој седи во таа комисија што ќе ги дели овие пари и по кои правила?

До локалната самоуправа испративме четири прашања:

– Кои лица членуваат во Комисијата за селекција и евалуација формирана од страна на Градоначалникот за потребите на Јавниот повик за „Зимска приказна 2027“ (име, презиме и функција/работно место);

– Врз основа на кои критериуми се избрани токму тие членови?; Со оглед на тоа што во Јавниот повик се наведени десет општи критериуми без никаква бодовна скала, по која конкретна методологија и правилник Комисијата ќе ги оценува и рангира апликациите и како ќе го определува финансискиот износ за секој избран проект?;

– Врз основа на кој правен акт и по кои критериуми Комисијата има право да ангажира и дополнителни изведувачи „надвор од јавниот повик“, односно без распишана постапка?;

Дали по завршувањето на евалуацијата Општина Битола јавно ќе ја објави ранг-листата на сите пријавени и избрани апликанти, со точно наведен одобрен износ за секој проект поединечно, како и имињата и хонорарите на евентуално дополнително ангажираните изведувачи надвор од повикот?

Но, наместо транспарентност и отчетност, од Општината пристигна одговор полн со општи фрази, без ниту едно име, без ниту еден правилник и без ветување дека списокот со исплатени хонорари ќе биде објавен. Оттаму порачаа дека сè се работело согласно закон и дека процедурите биле „проверливи“.

„Квалитативниот избор на предлог програмските содржини од страна на комисијата, секогаш во досегашниот период се заснова на законски издржани и проверливи процедури, кои се потврдуваат со објавување на Програмата и интересот на публиката“, велат од Општината, додавајќи дека на крајот ќе го проверувале јавното мислење за успешноста на манифестацијата.

Но, успешноста на една забава и законското и транспарентно трошење на буџетските пари се две сосема различни работи. Со ваквиот одговор, локалната власт практично порачува дека граѓаните немаат право да знаат кои лица во нивно име делат 100 илјади евра, ниту пак колкав хонорар добил секој изведувач поединечно.

Наместо јасна слика кој и како ќе троши 100 илјади евра народни пари, по три дена официјална преписка со локалната власт, граѓаните добија само празни бирократски фрази. Со овој однос, Општина Битола испраќа порака дека битолчани треба само да уживаат во новогодишната атмосфера, но не и да прашуваат каде и кај кого завршиле нивните пари. Наше е да продолжиме да прашуваме и по 2 декември, кога ќе се делат договорите.