ТЕРА

REKLAMA???

БИТОЛА ПОМЕЃУ ДРОНОВИТЕ И ДОЛГОВИТЕ: ПЕТ ГОДИНИ „ПОЛИТИКА НА СПЕКТАКЛ“ НА ТАНДЕМОТ КОЊАНОВСКИ – ДИМИТРОВСКИ

Битола веќе пет години ја живее “ерата” на Тони Коњановски. По еуфоричната и неочекувана победа во првиот круг на изборите, со која тој го запечати својот втор мандат, локалниот ПР-апарат не престанува да фабрикува слики за „Битола како епско градилиште“. Социјалните мрежи вријат од снимки со висока резолуција, камери од дрон прецизно ги регистрираат дури и најситните зафати, создавајќи илузија за модерна, европска метропола.

Но, кога ќе се исклучат рефлекторите на општинските камери, зад визуелниот спектакл се појавува суровата реалност на еден длабоко задолжен град во кој сè погласно се поставува прашањето: Каде и кој навистина ја води Битола? Лекарот Коњановски или неговиот секретар, адвокатот со уметнички амбиции Борче Димитровски?

Борче Димитровски не е обичен општински секретар чија функција, според законот, е од строго техничка, административна и организациска природа. Во Битола тој одамна ја игра улогата на „градоначалник во сенка“. Како поранешен директор на Центарот за култура и продуцент, Димитровски уметноста и менаџментот на настани ги познава одвнатре. Но, проблемот настанува кога тоа лично искуство ќе стане клучна матрица за трошење на парите на сите битолчани.

Низ Битола сè почесто се дебатира дали Коњановски свесно му ги препуштил стратешките одлуки на Димитровски, со оглед на тоа што општинскиот буџет во голема мера се троши на проекти со рок на траење од една вечер. Додека градот кубури со основни сообраќајни решенија, тандемот Коњановски-Димитровски ја тера Битола во бескрајна културна офанзива од концерти, фестивали и базари. И додека забавата трае, граѓаните добиваат инстант-еуфорија, а Димитровски совршена сцена да застане пред камерите на големите настани (како ИФФК „Браќа Манаки“) небаре тој лично е првиот човек на градот.

А, најдобар доказ дека општинскиот крвоток е пред целосен колапс се официјалните финансиски извештаи на Министерството за финансии. Бројките се фрапантни. Општината заклучно со јуни имаше долг од над 95 милиони денари! Вкупниот чист, доспеан, а неплатен долг на битолските јавни претпријатија во јуни изнесуваше неверојатни 115.352.758 денари! Како Коњановски и Димитровски планираат да градат „модерна Битола“, кога и општината и претпријатијата кои треба да ги чистат улиците, да ја одржуваат канализацијата и да носат вода се соочуваат со сериозна финансиска нестабилност?

Оваа комунална катаклизма е само половина од финансискиот хорор. Обврските на основните и средните училишта во Битола ја надминаа сумата од 71 милиони денари (над 1 милион евра), но ПР-тандемот од општинската зграда има сопствени приоритети. Во исто време, Општина Битола без око да ѝ трепне потпишува јавна набавка во вредност од дури 5,4 милиони денари (околу 88.000 евра) за „дополнително озвучување и осветлување на културни настани“. Додека директорите на училиштата и јавните претпријатија пресметуваат како да ја преживеат зимата, тандемот Коњановски-Димитровски одвојува милиони за скапо изнајмување светлосни ефекти и разгласи. Кога забавата се претпочита пред заглавените училишта и јавни претпријатија, тогаш тоа веќе не е визионерска културна стратегија, туку обична политичка шминка за прикривање на реалниот колапс.

Додека Димитровски ја позиционира Битола како „европска дестинација за забава“, вистинските капитални ветувања фаќаат пајажина. Ако ги погледнете изборните програми од 2021 година и новата програма од 2025 година, ќе се соочите со фрапантен пример на политичка амнезија. Речиси 100% од текстот во делот на дигитализацијата и сообраќајот е едноставно препишан. Каде се мобилните апликации за наплата на комуналните сметки кон „Комуналец“, „Водовод“ и „Нискоградба“ кои беа „гарантирани“ уште пред пет години? Каде е апликацијата за паркинг? Каде се дигиталните автобуски постојки? Тие останаа мртва точка во првиот мандат, за денес повторно да ни се продаваат под истата ПР-амбалажа.

Иста е судбината и со сообраќајниот хаос. Петте капитално ветени кружни текови кои требаше да го решат метежот, елегантно беа турнати во графата „предлози и идеи од граѓаните“, со што локалната власт еднострано се пере од одговорноста за нивната нереализација. Затоа, сега како замена ни се нуди системот „Safe City“, камери кои ќе ги ловат прекршоците, додека физичката сообраќајна инфраструктура останува небезбедна и застарена.

Во петтата година од “ерата” на тандемот Коњановски – Димитровски, Битола живее во состојба на „задолжен мир“. Локалниот систем не доживува тотален колапс само затоа што централната власт постојано инјектира милионски суми за да ги покрие загубите. Но, управувањето со еден град не смее да биде заложник на естрадниот менаџмент на Борче Димитровски и политичката пасивност на Тони Коњановски. Битолчани плаќаат данок за да добијат среден сообраќај, чист воздух и стабилни училишта, а не само шарени светла и силно озвучување кои треба да ги заглушат реалните проблеми. Време е дроновите на Коњановски и Димитровски конечно да се спуштат на земја, бидејќи реалните проблеми на Битола не се решаваат од птичја перспектива.