Министерот за транспорт, Александар Николоски, вчера оствари значајна работна средба со амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, при што една од главните теми беше воспоставувањето директна авионска линија меѓу Скопје и Букурешт, како и поврзување со аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Ако овој предлог се реализира, ќе се решат многу од проблемите кои моментално го отежнуваат патувањето од Македонија до Романија.
Во моментов, за македонските државјани кои живеат, работат или студираат во Романија, патувањето е мошне тешко. Оние кои патуваат по копнен пат се принудени да поминат преку неколку прекачувања, најпрвин од Скопје до Бугарија, потоа од Бугарија до Букурешт, па најпосле до крајната дестинација во Романија. Времетраењето на ваквото патување изнесува и до 24 часа, што го прави компаративно со патувањата до далечните прекуокеански дестинации. Дури и патувањето со автомобил е далеку од идеално, бидејќи трае околу 11 часа. Воведувањето на директна авионска линија драстично би го скратило времетраењето на патувањето, а патот до Романија би бил значително попристапен и попрактичен.
Особено важно е дека ова решение би им помогнало на македонските студенти и работници кои често патуваат меѓу двете земји. Според пописот во Романија од 2021/22 година, регистрирани се 1.089 Македонци како постојани жители. Дополнително, македонската заедница во Романија позната под името ,,Друштво на Македонците во Романија” е активна, со околу 1.700 следбеници на нивната официјална Facebook страна, а имаат и своја веб страна каде што редовно ја истакнуваат важноста на македонско-романското пријателство, презентирајќи ја културата, јазикот и традициите на Македонците кои живеат таму.
Брзата реализација на она што го спомнаа и разговараа Николоски и Аксинте на вчерашната средба е клучно, не само за економските и туристичките аспекти, туку и за олеснување на патувањата на многуте Македонци кои имаат постојана врска со Романија. Моментално, патувањето во Романија, особено во зимските месеци, е голем предизвик поради не секогаш пристапните патишта. Решавањето на ова прашање би било од суштинско значење за подобрување на животниот стандард на сите оние кои редовно патуваат помеѓу двете земји.
Поради тоа, воведувањето на авиолинија на релациите, Скопје – Букурешт и Охрид-Букурешт не е само потребно, туку и неопходно за подобрување на меѓусебните односи, олеснување на процесот на студентите и младите кои постојано патуваат на оваа релација, како и за понатамошно зајакнување на пријателските и економските врски меѓу Македонија и Романија.












