Пред грузискиот парламент во главниот град Тбилиси и синоќа дојде до судири меѓу полицијата и проевропските демонстранти, кои веќе трета вечер по ред протестираа против одлуката за одложување на расправата за пристапување на земјата кон Европската Унија.
Полицајците во опрема за растурање немири испукала гумени куршуми, солзавец и употребила водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлале запаливи направи“, наведе новинар на АФП, кој видел и пламен од прозорецот на зградата.
Протести се одржаа и во многу градови во Грузија.
Двата претходни протести, во четвртокот и петокот, веќе беа растурени со водени топови и солзавец, а полицијата уапси повеќе од сто лица.
Проевропската претседателка на земјата, Саломе Зурабишвили, вчера на брифинг најави дека нема да го прекине својот мандат, што завршува во декември, додека не се организираат нови парламентарни избори. Грузиската претседателка јасно порача дека парламентот нема легитимитет и дека нелегитимен парламент не може да избере нов претседател и затоа нема да има инаугурација.
Зурабишвили на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека претседателската канцеларија е единствената преостаната легитимна институција во земјата.
Владејачката партија Грузиски сон, обвинета за авторитаризам и проруски тенденции, освои речиси 54 отсто од гласовите на изборите во октомври, за кои опозициските партии тврдат дека биле наместени.
Последните протести беа предизвикани од одлуката на владата, обвинета за проруска и авторитарна пристрасност, да ги одложи разговорите за пристапувањето на оваа кавкаска земја во Европската унија до 2028 година.
МИА












