Властите во западниот руски регион Белгород прогласија регионална вонредна состојба додека украинските сили ја продолжуваат својата офанзива во соседната област Курск, пишува Радио Слободна Европа.
„Ситуацијата во нашиот регион Белгород останува исклучително тешка и напната.Вооружените сили на Украина гранатираат секој ден. Куќи беа уништени, а цивили беа ранети и убиени“, напиша гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграм во средата.
Белгород претходно најави евакуација на илјадници цивили од областите што граничат со Украина и регионот Курск. Москва прогласи „антитерористичка операција“ во регионите Курск, Белгород и Брјанск.
Руското Министерство за одбрана во среда (14 август) објави дека 37 украински беспилотни летала се „уништени“ над регионот Воронеж, неколку стотици километри југозападно од Москва. Гувернерот на регионот Воронеж, Александар Гушев, изјави дека нема пријавени жртви, но дека се оштетени неколку станбени згради.
Министерството соопшти дека 117 беспилотни летала и „четири тактички проектили“ биле лансирани во Русија во текот на ноќта, вклучително и 37 беспилотни летала кои наводно биле „уништени“ над регионот Курск.












