Земјоделците кои вчера протестираа во Брисел се судија со полицијата во близина на плоштадот „Шуман“ во Брисел, каде што се наоѓаат зградите неколку институции на Унијата, меѓу кои и на Европската комисија и Советот на ЕУ.
За да ги одбие насилните земјоделци полицијата употреби водени топови и солзавец. Протестите беа организирани од неколку земјоделски организации по повод заседанието на Советот за земјоделство и рибарство на ЕУ.
За време на судирите дел од земјоделците гаѓаа со јајца и петарди и кон новинарите што го следеа протестот, при што според весникот „Соар“ во лице бил погоден и еден медиумски работник, но нема информации дали се здобил со посериозни повреди.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, група земјоделците потпалија и бали со сено во близина на зграда што се реновира, при што се запалија градежните скелиња на објектот, па полицајците интервенираа со водени топови за гасење на пожарот и за потиснување на демонстрантите.
– Наше главно барање е поправедно одредување на цените на земјоделските производи. Тоа треба да се направи на глобално ниво, а Европската Унија може да изврши притисок за тоа, изјави портпаролот на Обединета федерација на групите на полјоделци и фармери (ФУГЕА), Иго Фали.
Тој нагласи дека земјоделците чекаат Европа да ја промени својата „ултра-либерална политика“.












