По секојдневните бројни барања и дописи до Ракометната федерација на Македонија за купување билети за престојното Европско првенство 2024 кое во јануари ќе се одржи во Германија, денеска од РФМ преку соопштение ја информираат јавноста дека билетите за ЕП 2024 се распродадени.
Од РФМ информираат дека правата за продажба на билетите за Групата А, во која е и Македонија, ги има организаторот на шампионатот – Германија, а откако во септември биле пуштени во продажба и последните 10.000 билети тие се експресно распродадени.
Како што е познато, организаторите решија првите натпревари од групата А да се играат на арената „Меркур Шпил“ во Дизелдорф, фудбалски стадион со капацитет од над 50.000 места. ЕВРО 2024 официјално ќе биде стартувано со дуелот меѓу Германија и Швајцарија, на кој се очекува трибините да бидат полни и да биде поставен нов светски рекорд за посета на еден ракометен натпревар. Веднаш потоа на мегдан ќе излезат ракометарите на Македонија и на Франција, кои исто така пред голем број на ракометни фанови ќе бидат дел од вториот дел од овој ракометен спектакл во Дизелдорф.
Според програмата, останатите натпревари од оваа група А ќе се играат во Берлин.












