ТЕРА

REKLAMA???

Венко Филипче ќе го враќа во Македонија Васко Ковачевски за да ги врати парите и да одговара?!

Нов чин од братоубиствената војна и длабокиот раздор во СДСМ се одвиваше синоќа зад затворени врати во Битола. Наместо вообичаено партиско кохезирање, лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, пред присутните на синоќешниот состанок, најавил дека ќе го врати во Македонија  поранешниот висок партиски функционер Васко Ковачевски, кој во моментов е во бегство и се бара со меѓународна потерница.

Иако средбата започнала со анализа на тековните политички состојби, финишот на излагањето на Филипче донел вистински потрес. Тој директно го вперил прстот кон поранешниот генерален директор на АД ЕСМ и висок партиски функционер, Васко Ковачевски. Извори кои лично присуствувале на партискиот состанок пренесуваат дека Филипче бил дециден во својата намера да расчисти со компромитираните кадри. Тој пред присутните алудирал дека има информации за тоа како Ковачевски успеал да побегне, сугерирајќи некаков вид на пакт или договор со актуелната власт, но уверувал дека поседува механизми да го изведе пред лицето на правдата.

Ваквата реторика кај дел од присутните била пречекани со одобрување, но кај добар дел од членството останал сомнежот и неверувањето. Во партиските кулоари веќе се коментира дека овој остар напад во период кога нема избори е јасен сигнал за жестока меѓусебна пресметка меѓу различните крила во СДСМ. За да го дефокусира вниманието од внатрешните поделби, Филипче се обидел да ги мотивира битолските социјал-демократи, уверувајќи ги дека партијата ќе излезе како победник на следните избори и барајќи од нив поагресивен и похрабар настап во јавноста против актуелната власт.

Кај голем дел од битолските социјалдеморкати што денес ги контактиравме и ги замоливме за коментар на овие последни случувања, без одговор остануватт повеќе прашања. Како може лидер на опозициска партија да ветува спроведување на бегалци, кога целиот државен и безбедносен апарат е во рацете на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, вели еден од нашите соговорници. Тврдењето на Филипче дека тој „има начин“ и „знае како“ да го врати бегалецот, може да се толкува или како чист популизам за внатрепартиска употреба, или како импликација за некакви задкулисни пактови.

Понатаму, оваа реторика на Филипче дополнително го отвора прашањето за неговата политичка конзистентност. Доколку лидерот на СДСМ навистина поседува такви натприродни опозициски лостови за враќање на политички бегалци, дел од битолските социјалдемократи со иронија прашуваат зошто тогаш не покажа иницијатива за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски? Ова прашање е особено непријатно за Филипче и заради фактот што неговата кариера се врзува и со неговиот ангажман како советник на поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, токму во владата предводена од Никола Груевски.

Сепак, нашите соговорници во СДСМ Битола сметаат дека најсериозниот дебакл на овој настап лежи во неговото признание за партиското богатење. Откако јавно пред битолчани изговори дека негови „партиски другари се направија милионери“, Филипче се втурна во сопствена политичка и правна стапица. Зошто, ако веќе има сознанија дека негови партиски другари се збогатиле на нечесен и незаконски начин, не ги пријави до соодветните институции? Со премолчувањето и непријавувањето на ваквите сомнежи, Филипче практично се соочува со обвинување за соучесништво и прикривање на криминал.

Во ваква конфузна и деструктивна атмосфера, јасно е дека СДСМ никако не може да се надева на подобри времиња или на брзо политичко закрепнување. Сè додека партиското раководство се занимава со внатрешни уцени, меѓусебни обвинувања за криминал и популистички ветувања без реално покритие, партијата ќе продолжи незапирливо да тоне. Наместо да понуди вистинска алтернатива и да ја врати довербата кај разочараните граѓани, СДСМ со ваквото однесување само докажува дека сè уште е заробена во сопствените матрици од минатото, што дополнително ја оддалечува од каква било шанса за повторно враќање на власт.