Вчера, во Нови Сад, се одржа масовен протест на кој учествуваа илјадници граѓани, барајќи одговорност од властите за смртта на 14 лица при уривањето на настрешницата на Железничката станица. Протестот, организиран од опозициските партии и здруженија на граѓани, ескалираше во насилни судири кога групи маскирани мажи започнаа да фрлаат камења и други предмети кон седиштето на Градското собрание.
По нападите врз зградата, кои резултираа со скршени прозорци и врати, полицијата распоредена на местото реагираше со солзавец. Конфликтите продолжија и на околните улици, а полицијата приведе неколку учесници во нередите, вклучувајќи го и опозицискиот политичар Горан Јешиќ.
Демонстрантите бараат оставка од српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ, како и казнување на одговорните за трагедијата на станицата. Тие исто така повикуваат на јавен увид во договорите за реконструкцијата на станицата, која беше изведена од кинески конзорциум.
Протестите, кои започнаа со блокирање на раскрсницата пред Железничката станица, беа проследени со транспаренти и извикувања на слогани како “Оставка” и “Апсете”. Меѓу учесниците беа и фотографии од загинатите, вклучувајќи и деца, а протестите продолжија со симболични акции, како што беше истурањето на трактор со фекалии пред Градското собрание.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по пристигнувањето во Нови Сад, ја осуди насилната природа на протестите, обвинувајќи ги учесниците за напади врз полицијата и неистомислениците. Тој истакна дека ќе бидат казнети сите одговорни за немирите и дека насилството нема да биде толерирано.
Несреќата на Железничката станица, која се случи на 1 ноември, кога бетонската настрешница се урна, предизвика смрт на 14 лица, меѓу кои и еден Македонец и повреда на три други, кои се во критична состојба. Засега, не се познати причините за уривањето, но се знае дека настрешницата не била дел од реконструкцијата на станицата, која беше завршена во јули 2024 година.
Високите функционери, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ, поднесоа оставка, но одбиваат да ја прифатат вината за трагедијата. Надлежните органи досега сослушале 48 лица во врска со инцидентот, вклучувајќи и министерот за градежништво и други одговорни лица за изведба на реконструкцијата.
Фото: РТС












