ТЕРА

REKLAMA???

,,БРАЌА МАНАКИ” – ПОЗНАТ ИЛИ НЕ ИНТЕРНАЦИОНАЛНО

 

Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, кој оваа година го одбележува својот 45-ти јубилеј, е несомнено значаен за македонската културна сцена, особено во областа на кинематографијата. Но, покрај неговата длабока историја и значење во Македонија, неговата видливост на меѓународно ниво останува ограничена. Додека во земјата овој фестивал ужива респект и внимание, меѓународната сцена не реагира со истата енергија.

За разлика од „Браќа Манаки“, големите светски филмски фестивали како Кан, Берлин и Торонто привлекуваат медиумско внимание од секој агол на светот. Тие користат агресивни маркетинг стратегии, создаваат партнерства со холивудски продукции и актери, и се поддржани од огромни ПР кампањи. Покрај тоа, тие вклучуваат и значајна соработка со новинарите, фотографите, и влијателни личности на социјалните мрежи. Секој од овие фестивали се претвора во медиумски спектакл, каде филмовите се промовираат, но и самата индустрија и гламурот околу неа. На пример, Канскиот филмски фестивал ги комбинира неговите филмски премиери со присуство на најголемите холивудски ѕвезди, што привлекува масовни новинарски екипи и ја зголемува видливоста на глобално ниво.

Во меѓувреме, „Браќа Манаки“ иако привлекува внимание меѓу индустриските професионалци, не успева да создаде таква меѓународна експозиција. Нашето истражување покажува дека фестивалот е релативно непознат надвор од Македонија, особено во пошироката јавност. Некои специјализирани медиуми како FilmFreeway, Cinematopraphy World, Live the world, British Cinematoprapher Magazine и Film New Europe објавуваат за фестивалот, но тие не достигнуваат доволна читателска база за да се создаде значителен меѓународен интерес.

На социјалните мрежи, фестивалот добива внимание од посетителите и учесниците, кои го споделуваат своето искуство, но недостатокот на јавни изјави од страна на добитниците на наградите недостасува. Во споредба со фестивали како Sundance или Venice, кои имаат постојана и интензивна медиумска покриеност, „Браќа Манаки“ сè уште нема разработен систем за максимално искористување на овие можности.

Паралелно со ова, важно е да се спомене и улогата на фестивалот за самиот град Битола. Иако на прв поглед може да се мисли дека фестивалот директно не бенефицира од локалниот контекст, сепак тој придонесува за туристичката и културната промоција на градот. Но, поважно е прашањето што добива Битола од овој фестивал – кои се мерливите придобивки во смисла на туристички приходи и културна видливост? Од она што го видовме досега, бројот на посетители од Битола на фестивалот не е на завидно ниво, а на сцената, таму недостасуваат и новинарите и фотографите кои традиционално изминатите години ги следеле настаните, а последниве години се намалуваат.

Колку средства од буџетот, кој секоја година расте, а се зголемува и бројот на спонзорите, е издвоен за трошоците и вложувањата на медиумите, како и оние наменети за маркетинг и ПР активности и развивање на кампањи. Тимовите што се ангажирани за медиумско покривање, како и маркетинг службите кои работат на фестивалот, не ни се познати, а мора да работат на константна база затоа што фестивалот не може да се организира само неколку месеци годишно, туку мора да се одржува постојана активност низ целата година. Примерите од другите фестивали покажуваат дека континуирана присутност во медиумите, соработка со холивудски ѕвезди, и целосно искористување на дигиталните платформи, се клучни за успехот.

И на крајот, како главни прашање се поставува што добива Битола како град од овој фестивал? Дали фестивалот има воопшто потреба или пак во иднина ќе има потреба од дополнителни средства, ако знаеме дека буџетот за организација од година во година расте, а се зголемуваат и спознорите? Колкав економски бенефит остварува Битола од фестивалот „Браќа Манаки“? Дали на фестивалот се работи 365 дена во годината или само одреден период пред настанот?

Градот би можел да стане познат како кинематографски центар во Балканскиот регион. Меѓутоа, за тоа да се случи, потребни се континуирана работа и развивање на различни методи за проширување на глобалната видливост на фестивалот.