Денеска православните верници го чествуваат големиот црковен празник Воведение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Пречиста. Празникот ја одбележува посветата на Богородица на Бога и нејзиното внесување во Ерусалимскиот храм.
Овој голем богородичен празник се смета за почеток на Божјата милост и проповедта за спасение на луѓето, уште и за предвесник на Христовото доаѓање на Земјата, на неговото рождество од Пречистата. Нејзиното влегување во Ерусалимскиот храм претставува предзнак за тоа дека Пречистата Дева ќе биде поставена повисоко, не само од светите луѓе туку и од ангелите, од херувимите и серафимите.
Празникот Пречиста е еден од најзначајните Богородични празници во православната традиција и се слави со посебна почит меѓу верниците.












