ТЕРА

REKLAMA???

ДРЕСОВИТЕ ШТО НИКОГАШ НЕ ЗАИГРАА: ADIDAS ЈА ВРАЌА ПРИКАЗНАТА ЗА ЈУГОСЛАВИЈА

Спортскиот гигант Adidas, подготвува ретро колекција инспирирана од поранешна Југославија, но вниманието на Балканот не го привлекуваат само легендарните дресови од Италија ’90, туку една многу потажна и речиси митска приказна за дресовите за Европското првенство 1992 кои никогаш не се појавија на терен.
Според специјализираниот портал footyheadlines.com Adidas во 2027 година планира да лансира нова ретро линија со дизајни инспирирани од поранешната југословенска репрезентација. Сини дресови, старото Trefoil лого и препознатливиот грб на Југославија.
Но приказната позади овие дресови е многу повеќе од мода. Станува збор за дресовите поврзани со една од најдраматичните спортски приказни во Европа.
Во 1992 година Југославија веќе имаше подготвени Adidas дресови за Европското првенство во Шведска. Репрезентацијата беше полна со фудбалски ѕвезди и важеше за еден од фаворитите на турнирот. Но распадот на државата и војната беа побрзи од самиот шампионат.
Само неколку дена пред почетокот на Европското првенство, Југославија беше дисквалификувана од турнирот поради санкциите на Обединетите Нации. Тимот никогаш не отпатува за Шведска, а дресовите останаа затворени во магацини. Според фудбалските легенди што со години кружеа низ Европа, Adidas имал илјадници произведени дресови. Дел од нив подоцна, биле распродадени по ниски цени и завршиле кај аматерски клубови низ Европа, особено во Ирска.
Токму затоа овие дресови денес имаат култен статус во фудбалскиот свет. Тие се симбол на една репрезентација што никогаш не доби шанса да заигра и на една држава што исчезна побрзо отколку што започна Европското првенство.
Според footyheadlines.com, Adidas сега планира да ја оживее токму таа естетика, препознатливите сини дресови со геометриски дизајн од крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите.
На социјалните мрежи веќе се отвори огромен бран носталгија, а многумина токму дресот од 1992 го нарекуваат „најтажниот Adidas дрес во историјата на фудбалот”.
Иако Adidas сè уште нема официјална потврда за колекцијата, Footy Headlines важи за еден од најточните извори за идни фудбалски дресови и ретро изданија.