ТЕРА

REKLAMA???

Над 2,3 милиони евра треба да им бидат вратени на 26.000 граѓани поради незаконски наплати за брзи кредити

Над 26.000 граѓани во земјава треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства од финансиските друштва кои нудат брзи кредити. Станува збор за сума поголема од 140 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, која била наплатувана преку дополнителни трошоци за опомени и известувања при доцнење со отплатата на кредитите.

Резултатите од спроведените контроли беа презентирани на денешната прес-конференција во Владата, по тримесечните инспекциски надзори на сите 27 лиценцирани финансиски друштва во Македонија. Инспекторите ги анализирале нивните практики во периодот од 2023 до 2026 година, при што биле откриени повеќе видови неправилности.

Според податоците на Државниот пазарен инспекторат, кај 18 финансиски друштва биле констатирани нечесни трговски практики. За утврдените прекршоци се издадени платни налози во вредност од над 3,5 милиони денари, што претставува повеќе од 56.000 евра. Дополнително, кај две финансиски друштва биле откриени неправилности во сметководствената евиденција, за што е известено Министерството за финансии.

Особено значајни се наодите поврзани со наплатата на дополнителни надоместоци од граѓаните. Кај 12 финансиски друштва инспекторите утврдиле дека се наплатувале трошоци за доставување опомени и известувања за задоцнето плаќање на кредитните обврски, практика која е спротивна на Законот за заштита на потрошувачите. Со издадените решенија, овие друштва се задолжени да им ги вратат парите на оштетените клиенти. Роковите за исполнување на обврската се 30, 60 или 90 дена, зависно од бројот на потрошувачи опфатени со неправилностите. Граѓаните нема да имаат обврска да поднесуваат посебни барања за да си ги добијат парите назад. Финансиските друштва треба самостојно да ги контактираат своите клиенти и да го извршат повратот, додека инспекциските служби ќе вршат контрола дали решенијата се спроведуваат.

Сумата од 140 милиони денари засега претставува утврден пресек, но конечниот износ може да биде и значително повисок. Според проценките, повратот би можел да достигне речиси 200 милиони денари, односно околу 3,25 милиони евра.

Засега не се објавуваат имињата на финансиските друштва кај кои се откриени неправилностите. Образложението на надлежните е дека постапките и дополнителните проверки сè уште траат. Најавени се и инспекциски контроли во банкарскиот сектор, особено во делот на провизиите што банките им ги наплатуваат на клиентите.